сабота, април 27, 2024
spot_img
ПочетнаМагазинПатувањаПотрагата по исчезнатата подморница за посета на Титаник е како „одење во...
spot_img

Потрагата по исчезнатата подморница за посета на Титаник е како „одење во вселената“


Спасувачите, кои се обидуваат да ја пронајдат мини-подморницата што исчезна попат при обидот да го посети потонатиот брод Титаник, се соочуваат со огромна задача што ги тестира границите на техничкото знаење – со само мошне мали шанси за успех, велат експертите.

Тимови од целиот свет беа во трка со времето во вторникот во обидите да се лоцираат подморницата и нејзиниот петчлен екипаж пред тие да останат без кислород. Имено, се претпоставува дека залихите од воздух може да издржат едвај нешто повеќе од еден ден. Но, не е лесно да се прочешла областа со површина 20 000 квадратни километри во Северниот Атлантик на длабочина од речиси повеќе од четири километри.

„Таму е целосно црнило. Мошне е студено. Морското дно е со кал и е брановидно. Не можете да ја видите вашата рака пред лицето“, изјави експертот за „Титаник“, Тим Малтин за NBC News Now. „Навистина наликува малку како да си астронаут кој оди во вселената.”

Кога исчезна во неделата, мини-подморницата долга 6,5 метри, наречена Титан, превезуваше тројца патници кои платија “дебели пари” за посета на олупината на Титаник: британскиот милијардер Хамиш Хардинг, пакистанскиот тајкун Шахзада Давуд и неговиот син Сулејман. OceanGate Expeditions, која ги спроведува патувањата со Титан, наплаќа по 250 000 долари за седиште. Заедно со патниците како дел од екипажот на подморницата се наоѓаат и извршниот директор на компанијата Стоктон Раш и францускиот оператор со подморници Пол-Анри Наржеоле наречен „Господин Титаник“, поради неговите чести нуркања на локацијата.

Капетанот на американската крајбрежна стража Џејми Фредерик изјави за новинарите во вторникот дека неговата организација ја координира потрагата. Но, според него, целиот потфат е неверојатно тежок и опфаќа значително повеќе побарувања од она што вообичаено го работи крајбрежната стража во овој домен.

Иако американската крајбрежна стража ја презеде улогата на координатор на мисијата за пребарување и спасување, ние ја немаме сета потребна експертиза и опрема потребна за потрага од ваков карактер“, вели тој. „Се работи за сложен напор за пребарување, кој има потреба од вклучување на повеќе агенции со експертиза за предметот и специјализирана опрема”.

Како што објаснил Фредерик, спасувачите користеле неколку методи за чешлање на огромната област во потрага по Титан, кој изгубил контакт со неговиот матичен брод само два часа по нурнувањето во близина на водениот гроб на Титаник. Потрага се спроведува и на океанската површина со помош на авиони од типот C-130 кои пребаруваат како по видување така и со радар, како и авиони од типот P-3 кои пребаруваат со сонари. Но, засега потрагата е без поволен исход.

Напорите беа зголемени вчера, во вторникот, со ангажирање на огромен брод кој вообичаено со користи за поставување цевки на океанското дно, а кој поседува далечински управувана мини-подморница што се очекуваше да биде упатена кон последната позната позиција на Титан.

Според Жил Жафе, кој бил дел од тимот што го пронајде Титаник во 1985 година, постојат две веројатни објаснувања за исчезнувањето на подморницата – механички или електричен дефект. Тој се надева дека се работело за електричен дефект, бидејќи во тој случај екипажот би можел да ги откачи теговите со што подморницата би станала полесна и би останала поблиску до површината, ако не и испливала. Жафе, кој е и истражувачки океанограф на Универзитетот во Сан Диего, вели дека спасувачите ќе пребаруваат на површината, во водениот столб и на морското дно.

Најлошо место за нив би било да се наоѓаат на морското дно, што би значело дека подморницата или имплодирала или некако се заплеткала.

Дополнителeн предизвик претставува огромниот притисок на четири километри под вода, кој е околу 400 пати поголем од оној на површината. Таквите притисоци предизвикуваат огромни оптоварувања на опремата, а мошне малку бродови можат да ги преживеат овие длабочини. Дури и нуклеарните подморници генерално оперираат на длабочини од “едвај” 300 метри, според океанографската институција Вудс Хол.

Џејми Прингл, професор по форензички геонауки на Универзитетот Кил во Британија, вели дека ако мини-подморницата потонала до дното на океанот, би било тешко изводливо таа да се забележи. „Океанското дно не е рамно; има многу ридови и кањони“, рече Прингл, според NBC.

Дополнителна компликација при пребарувањето на морското дно е и расфрланиот отпад од самиот Титаник, токму она што авантуристите отишле да го видат.

Се работи за расфрлана олупина, со веројатно секакви предмети што би можеле да измамат и кои не се мошне пријателски за мала подморница“, вели Жафе. „Можностите за нивно пронаоѓање помеѓу расфрланите парчиња од потонатиот брод во следните 36 часа, мислам дека се практично невозможни”.

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
Google search engine
spot_img
spot_img

ПОСЛЕДНО ОБЈАВЕНИ