вторник, март 19, 2024
spot_img
ПочетнаШтип NewsДимов нема дилема: Мобилните телефони предизвикале дополнителен страв и паника кај штипјани...
spot_img

Димов нема дилема: Мобилните телефони предизвикале дополнителен страв и паника кај штипјани по земјотресот

Земјотресот во Штип со Рихтерова локална магнитуда од 3 и интензитет од четврти степен, кој се случи утринава во 2:41 часот е релативно слаб и е очекуван за вакво подрачје, вели деканот на Природно-техничкиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип, Ѓорѓи Димов. Поголемиот дел од штипјани не го почувствуваа, а паника се создаде кај оние граѓани со паметни телефони на кои им се вклучиле аларми додека траел земјотресот, а на апликацијата им се покажале бројки од 4,6.

-Паника предизвикале мобилните уреди, во принцип мобилните уреди не се фундирани на начинот на кој се фундираат сеизмолошките инструменти. Мобилните даваат поголеми вибрации, даваат поголеми интензитети и тоа предизвикува паника и можете да замислите и веројатно некој од вас го има доживеано тоа во 2:41 часот да ви завибрира телефонот и одеднаш да го кренете и да видите дека има интензитет од 4,6, па и некои такви вести имаше во Штип дека меѓу 4 и 5 јавувале мобилните уреди и половина од тие луѓе нормално е да излезат надвор. Меѓутоа официјалните податоци не го кажуваат тоа, вели Димов.

Димов пред медиумите посочи дека Штип и Свети Николе спаѓаат во зона два и е релативно стабилно подрачје, а во изминатите десет години имало неколку потреси со слична ваква јачина, односно со Рихтерова локална магнитуда од 3.

-Во зона еден најмалку се случуваат земјотреси, тоа е зоната на централниот и северниот дел од Пелагонискиот масив, па зона два, па имаме зони три, четири и пет, која е најтрусна зона, којашто се наоѓа во околините на Дебар, Пехчево и Валандово и ако видиме дека пет е најмногу, а еден е најмалку нашата зона е два и самото искуство на резонирање, правено врз база на 470 годишни истражувања е дека станува збор за релативно стабилен терен, вели Димов.

Посочи дека сите потреси кои се случувале во Штипско-светиниколска сеизмичка зона се најверојатно врзани за расадната структура која поминува низ планината Плачковица.

-Како што ми кажаа колешките од сеизмичката опсерваторија во изминатите десет години имаат доста измерени такви потреси со магнитуда од 2,5 до 3,5 по Рихтер. Тие што се под 2,5 вообичаено најчесто не ги ни забележуваме, ако не сме дома, а посебно ако сме на отворено, вели Димов.

Забележа дека во зоната на шпекулациите и лажни вести се дека повторно ќе има земјотрес во Штип и тоа точно денеска во 14 часот. Димов истакна дека оној којшто ќе пронајде метод и начин за да се предвидат земјотресите, сигурно ќе ја земе Нобеловата награда, а засега таков научник нема.

-Ве молам такви шпекулации да не се прават, да не кревате тревога, не правете паника и не лиферувајте лажни информации, никој не може да предвиде земјотрес и да го предвиде во 14 часот. Еве јас не сум запознаен со методи кои би предвиделе земјотрес, вели Димов. 

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
Google search engine
spot_img
spot_img

ПОСЛЕДНО ОБЈАВЕНИ