петок, април 26, 2024
spot_img
ПочетнаМакедонијаЉубов за Ембла
spot_img

Љубов за Ембла

Ембла го започна второто полугодие сама, во празна училница во ОУ „Братство” во Гостивар. Ембла е девојче со Даунов синдром. Родителите на останатите ученици од нејзиниот клас си земале за право тоа да ѝ го препишат како грев и да ја бојкотираат наставата со тоа што не ги пуштиле нивните деца на првиот училишен ден.

Претходно, Ембла била принудена да ротира во различни паралелки, па дури да учи сама, изолирана во посебна училишна просторија.

Ајде сега за момент ставете се на нејзиното столче во училишната клупа. Сама сте и збунета, ја чувствувате лошата енергија и оттуѓеноста. Зошто, што згрешив? Зошто сум казнета?

Ставете се и во кожата на нејзините родители. Детето ви го трауматизираат и тероризираат во едно само на слика демократско (дивеење) живеење.
Секојдневно се соочувате со болката, гневни сте на неправдата и дискриминацијата, се чувствувате немоќно пред бедното лице на ѕверот создаден од прангите на ограничениот ум, затворениот поглед, неукоста, исфрустрираноста, празнината…

Како се чувствувате?

Поразително е. Тажно е. Но, ова конечно не смее да остане само на емоција. Овој гнил корен треба да се ископа.

Родители од бојкотот: Што бојкотирате? Како на овој начин ќе ги заштитите сопствените деца? Каков пример им давате на сопствените деца? Свесни ли сте за траумите што ги нанесувате на едно невино дете, дете кое чувствува, кое препознава и љубов и омраза? Како би се чувствувале ако вие сте нејзини родители? А како се чувствувате во своја кожа? Удобно ли ви е?

Институции, систем, организации владини и невладини, до кога ова ќе се толерира? Имате ли евиденција какво е секојдневието на родителите и децата со посебни потреби, колку случаи како Ембла има во нашите училници? Зошто воопшто сме дозволиле да дојде до ваков хорор? Какви генерации создаваме, на кого ја оставаме иднината со вакви примери?

Синџирот на омраза и дискриминација може да се прекине. Научете се прво себе, а потоа и вашите деца дека различноста не е заразна. Научете дека омразата е заразна. Ама заразна е и љубовта. Научете да љубите не е доцна. Така ќе им дадете и шанса на вашите деца.

извор: fashionel.mk

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
Google search engine
spot_img
spot_img

ПОСЛЕДНО ОБЈАВЕНИ