недела, април 28, 2024
spot_img
ПочетнаМагазинЗдравјеКрлежот од кој почина 27-годишната штипјанка, на нејзиното тело бил прикачен само...
spot_img

Крлежот од кој почина 27-годишната штипјанка, на нејзиното тело бил прикачен само еден час

Крлежот што ѝ пренесе конго-кримска хеморагична треска на 27-годишната жена од штипското село Кучица по што таа почина, на нејзиното тело задржан бил само еден час, што укажува на потентноста на вирусот и неговата сериозност, тврдат за „Слободен печат“ извори од Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби кои учествувале во нејзиното лекување. Од моментот на првите тегоби до смртниот исход на младата жена, поминале шест дена, но симптомите кај неа биле неспецифични, како температура, болки во мускулите и повраќање.

Сопругот и трите деца на жената се негативни на болеста, потврдува за „Слободен печат“ директорот на Институтот за јавно здравје, доктор Шабан Мемети. Тој додава дека и другите лица што биле во контакт со жената а биле под опсервација се негативни. Вирусот на Конго-кримска хеморагична треска е сериозен и брзо го зеде животот на младата жена. Смртноста од оваа болест достигнува и до 40 проценти.

Почетокот на болеста Конго-кримска хеморагична треска е ненадеен, со главоболка, висока температура, болки во грбот, зглобовите, болки во стомакот и повраќање. Исто така се јавува црвенило во очите, зацрвенето лице, црвено грло и црвени дамки на непцата. Може да се јави жолтица, а во потешки случаи и промени во расположението. Како што напредува болеста, на телото на заболениот се јавуват големи делови со модрици, како и крварење од носот.

Советите од инфектолозите се граѓаните да не ги вадат крлежите од телото сами, туку на лекар.

-При убод од крлеж граѓаните да одат на лекар за да се отстрани крлежот стручно. Доколку сами се обидувате да го отстраните крлежот, може да останат парчиња од крлежот и тој да не биде целосно изваден. Второ, доколку се работи со нестерилни инструменти се изложувате на ризик да закачите тетанус, вели за „Слободен печат“ доктор Коста Капсаров од Инфективната клиника.

Доктор Дејан Јакимовски од Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби за „Слободен печат“ вели дека сезоната на убоди од крлеж почнува од почетокот на мај и трае до доцната есен.

-Крлежот се всадува во кожата и во 99 проценти, пациентите го забележуваат додека е прикачен на нив во интервал од пет минути до петнаесет дена. Симптомите кои би се јавиле од преносливи болести од крлежи се шаренолики, а главните се осип во форма на црвенило и покачена телесна температура, поврзани со одредена болест која доминира на нашето поднебје. Потоа може да се појави и осип во форма на кружно црвенило, кое е поретко, но е уште присутно и се поврзува со лајмската болест. Крлежите кои потенцијално може да го носат вирусот на конго-кримска хеморагична треска се докажани во дивечот и во тревните површини во нашата држава. За конго-кримска хеморагична треска како вирусно заболување од крлеж, најбитно е да се направи анализа за одредување на видот на крлежот за да знаеме дали пациентот потенцијално можело да биде изложен, а ако тоа не може да се направи, тогаш да се следи во наредните 14 дена од каснатината на крлежот дали се јавува покачена телесна температура како прв симптом, посочува доктор Јакимовски.

Директорката на Клиинката за инфективни болести и фебрилни состојби, доктор Милена Стевановиќ, за „Слободен печат“ вели дека пациентката била во многу тешка состојба и инфекцијата рапидно се развила.

Од секторот за контрола и превенција на заразни заболувања при Институтот за јавно здравје препорачуваат граѓаните доколку престојуваат во место каде има крлежи, да носат облека која нема да остава откриени делови од телото, особено да бидат покриени рацете, нозете и другите експонирани делови како вратот и главата. Носењето на светла облека може да помогне лесно да се откријат крлежите на облеката. Дополнителна заштита обезбедуваат репелентите против крлежи и инсекти. За постигнување на максимален ефект, репелент треба да се нанесува на секои еден до два часа.

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
Google search engine
spot_img
spot_img

ПОСЛЕДНО ОБЈАВЕНИ