петок, април 26, 2024
spot_img
ПочетнаМагазинЖивотДодека едни месат, други бараат, а трети купиле повеќе за резерва -...
spot_img

Додека едни месат, други бараат, а трети купиле повеќе за резерва – Граѓаните се снаоѓаат за леб

Дали денеска ќе има леб е прашањето што си го поставуваат голем број граѓани откако вчера се соочија со полупразни полици со леб во продавниците. Во дел од продавниците вчера не можеше да се најде бел и полубел леб, откако пекарите ја реализираа најавата дека нема да произведуваат леб, по одлуката на Владата за укинување на субвенционираната струја за компаниите што произведуваат основни прехранбени производи, како и за замрзнување на цената на 33 денари за леб од 450 грама.

Претставници од пекарската индустрија во изјава за МИА посочија дека тоа што нема бел и полубел леб на полиците во маркетите значи дека сите нивни членови ја почитуваа одлуката донесена во понеделникот на состанокот во Стопанската комора.

Пекарите едноставно си ја почитуваат одлуката. Одлуката е донесена во понеделникот и промена на одлуката засега нема. Уште еднаш ќе повторам, тоа што нема леб на полиците во маркетите значи дека пекарите си ја почитуваат одлуката, истакна за МИА претставник од Групацијата на мелничко-пекарската индустрија.

Пекарската индустрија во понеделникот се закани дека нема да произведува леб доколку Владата донесе одлука за замрзнување на неговата цена.

– Ако Владата ја донесе мерката за ограничување на цената на лебот, од следниот ден нема да има леб на пазарот, изјави во понеделникот Горан Малишиќ, претседател на Групацијата за мелничко-пекарската индустрија по состанокот во Стопанската комора на Северна Македонија.

Тој информира дека 32 индустриски пекари од цела држава и мали здруженија на пекари констатирале дека во целост се почитувала мерката за субвенционирање на електрична енергија и цените на лебот на пазарот се намалени повеќе од вредноста на субвенцијата што ја примаат пекарите.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски вчера изјави дека одлуката за замрзнување на цената на брашното била донесена на база на сите информации што ги има Министерството за економија, а Државниот пазарен инспекторат ги направил сите пресметки и контроли.

Тој смета дека не може мерки да се носат за некој да се богати, а друг да се осиромашува, додавајќи дека Владата е на и за граѓаните и тие мора да се заштитат.

– Со месеци сите ние плаќаме за голем дел од компаниите да добиваат повластена електрична енергија која во последниот период е со намалена цена, а со намалена цена е и брашното. Се тоа доведе до одлуката која ги штити граѓаните, изјави Николовски.

Државниот пазарен инспекторат вчера изврши 189 инспекциски надзори низ земјава за да утврди дали на терен се почитува владината одлука за замрзнување на цената, предвидена да трае до крајот на мај.

Дел од граѓаните вчера за МИА изјавија дека почнале да месат леб, додека други „прошетале“ низ повеќе продавници со цел да најдат леб што им се допаѓа. Поединци дури купиле и по неколку леба за да имаат резерва за наредните денови.

Одлуката на Владата за укинување на субвенционираната струја за прехранбената индустрија и за замрзнување на цената на лебот уследи откако, како што изјави премиерот Димитар Ковачевски во вторникот, било утврдено дека иако прехранбените компании добивале субвенционирана струја, тие воопшто не ги намалиле или незначително ги намалиле цените на нивните производи.

– Ова се однесува на дел од производителите на основни прехранбени производи. Дел ги намалија цените од седум до 12 проценти, појасни Ковачевски.

Според министерот за економија Крешник Бектеши, компаниите не се оштетени со замрзнатата цена на лебот.

– Сметаме дека тоа е соодветна цена и може да го прашате секој производител на леб дали со таа цена на брашното и актуелните трошоци 450 грама леб треба да е поскап од 32 денара, вклучувајќи шест денари профит што останува кај пекарите. Значи, 32 денара со шест денара профитна маржа од страна на пекарите, пет отсто маржа од трговците или во малопродажба и пет отсто ДДВ, истакна Бектеши.

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
Google search engine
spot_img
spot_img

ПОСЛЕДНО ОБЈАВЕНИ