недела, април 28, 2024
spot_img
ПочетнаСценаДецата градат мостови на пријателство помеѓу народите: Лина и Драган Костадинови со...
spot_img

Децата градат мостови на пријателство помеѓу народите: Лина и Драган Костадинови со Ајдин Османовиќ од Босна на заеднички концерт во Штип!

14-годишниот Драган Костадинов на хармоника, 10-годишната Лина Костадинова, која е умешна во пеењето и на виолина, и бисерното грло од Сребреник, БиХ, 11-годишниот Ајдин Османовиќ ќе овозможат вистинско уживање во Штип. На 26 јули, во Домот на култура, со почеток од 20:00 часот, овие три талентирани деца ќе изградат мост на пријателството со изведбата на македонски изворни песни и босански севдалинки.

„Ќе настапуваат Лина и Драган Костадинови од Штип, моите дечиња, и ќе настапува веќепознатиот Ајдин Османовиќ од Босна со неговиот професор, Јасмин Брашниќ, во придружба на професори од Музичкото училиште од Штип кој ќе го придружуваат целиот настан како дел од оркестар“, истакна Лазе Костадинов, организатор на настанот.

Идејата за организација на ваков настан е на таткото на Лина и Драган, со помош и поддршка од Општина Штип, општествено-одговорни компании и физички лица. Момчето од Сребреник својот прв настан го имаше во мај годинава, во Крива Паланка, по што доаѓа да настапи во Штип.

„Идејата за ваков настан се јави кај мене. Гледајќи го и анализирајќи го детето, слушајќи ги неговите квалитети и начинот на работа со професорот Јасмин многу ми се допадна, па така стапивме во контакт со професорот. Тоа беше срдечно прифатено од нивна страна, направија анализа и на видеата од Лина и Драган, па договоривме да се обидеме да реализираме еден ваков убав настан на македонска песна. За време на концертот, покрај македонската песна, ќе имаме можност да слушнеме и неколку босански севдалинки, а на една од нив заедно ќе настапат Ајдин и Лина“, додава Костадинов.

Костадинов ги повика сите штипјани, но и љубителите на музика од околните градови, да бидат дел од ова музичко уживање.

„Сметам дека, навистина, треба да се вреднува нашето, традиционалното, македонското, со тоа и работата на децата коишто се трудат во оној вистински правец да дадат пример, а со тоа шират и љубов, ја негуваат традицијата, ги спојуваат народите. Еве, гледаме дека тоа дошло до Босна, еден ден тоа, можеби, ќе се рашири многу повеќе, а верувам дека овој настан ќе биде настан за паметење“, порача Костадинов.

Соработката со Ајдин Османовиќ и неговиот професор, веројатно, нема да биде единствена за штипските таленти Драган и Лина. Костадинов посочува дека има најави и за слични настани, за што јавноста ќе биде известена.

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
Google search engine
spot_img
spot_img

ПОСЛЕДНО ОБЈАВЕНИ