петок, март 29, 2024
spot_img
ПочетнаМагазинSamsung ги претстави Galaxy S22 и S22+ со нови камери и подобрени...
spot_img

Samsung ги претстави Galaxy S22 и S22+ со нови камери и подобрени карактеристики

Новата Galaxy S генерација донесува доволно новини за да го привлече нашето внимание

На настанот којшто го одржа денеска, Samsung ја претстави новата генерација од нивната Galaxy S серија. Со посебен почеток направен со познатата серија на Netflix, Bridgerton, беше претставена Galaxy S22 серијата.

Новите Galaxy S22 и Galaxy S22+, иако на прв поглед немаат некоја поголема промена во дизајнот, тие сепак донесуваат доволно новини за да ја тргнат потребата од размислување при купување на овие телефони.

За разлика од минатата година, Galaxy S22 и S22+ се изработени од стакло и на задната страна, што значи дека сега тие ќе оставаат доста поквалитетен впечаток, соодветен на класата и цената.

Стаклото од кое се изработени двете страни е Corning Gorilla Glass Victus+, а страните се изработени од, како што го нарекуваат од Samsung, Armor Aluminum, нивниот најсилен алуминиум досега.

Само од овие карактеристики може дефинитивно да се заклучи дека телефоните од највисоката класа на компанија сега ќе бидат соодветно изработени, иако и ланските модели воопшто не оставаа поевтин впечаток.

Екраните кај Galaxy S22 и S22+ се со големина од 6,1 и 6,6 инчи и имаат FHD+ резолуција. Стапката на освежување е со 120 херци, но за разлика од минатата година, овој пат таа се прилагодува повеќе, односно од 10 до 120 херци, што значи дека ќе може да се очекува нешто подобра заштеда на енергија.

Стапката на допир при играње на игри во Game Mode ќе биде 240 херци, а со оглед на чипот којшто ќе го користи Samsung оваа година, воопшто не изненадува поголемото внимание на гејминг искуството.

Чипот којшто ќе се користи во нашата земја е Exynos 2200, кој е првиот 4nm чип кој се користи од страна на компанија во Galaxy серијата. Овој чип доаѓа со новата armv9 архитектура со која е направено главното јадро кај процесорот, Cortex-X2, а достапни се и три Cortex-A710 јадра, како и уште четири Cortex-A510 јадра кои се наменети за заштеда на енергија.

Чипот доаѓа и со новиот Xclipse графички процесор кој е направен со RDNA 2 архитектурата од AMD и со тоа ги донесува револуционерните „hardware accelerated ray tracing“ и „variable rate shading“ кај мобилните.

Камерите кај Galaxy S22 се нови, односно не се користат истите од минатата година, па така на задната страна се поставени главна камера со 50 мегапиксели, ултра широка камера со 12 мегапиксели, како и „телефото“ камера со 10 мегапиксели. Предната камера доаѓа со сензор од 10 мегапиксели.

Тоа што сепак треба да донесе поголемо подобрување кај сликањето е најавата од Samsung за големи подобрувања кај процесорот, како и вештачката интелигенција кои се одговорни за правењето на сликата кога истата ќе помине низ леќите.

Samsung исто така посебно го истакнува квалитетот на сликите кои би се сликале во темни услови, односно ноќе, повторно со големи подобрувања кај вештачката интелигенција, односно NPU процесорот, како и самиот сензор и леќите на камерите.

Од тоа што можеше да се види на презентацијата, рецензиите коишто ќе следат треба само да го потврдат квалитетот на сликите кои ќе може да се прават со овие телефони.

Изборот на меморија ќе биде помеѓу 128 и 256GB, а ќе бидат достапни и 8GB RAM. Батериите се со капацитет од 3.700 и 4.500 mAh, основниот модел има нешто помала батерија, а ќе се полни со 25W полнач. Кај „плус“ моделот полнењето ќе се прави со 45W полнач, па освен големината на екранот, корисниците ќе имаат уште по некоја причина плус да се одлучат за овој модел.

Боите во кои ќе бидат достапни овие модели се црна, бела, зелена и златно розова.

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
Google search engine
spot_img
spot_img

ПОСЛЕДНО ОБЈАВЕНИ