вторник, април 23, 2024
spot_img
ПочетнаМагазинШто ќе возиме по 2030-та
spot_img

Што ќе возиме по 2030-та

Македонија во магичен триаголник помеѓу новите автотрендови, старите навики и цените на горивата

Електричните автомобили по улиците низ светот повеќе не се реткост, туку од ден на ден стануваат редовна појава. Овој тренд би требало да расте, што го покажува и неодамнешната, дури се чини и симултана изјава и најава на големите светски производители на автомобили дека до 2030 година сите автомобили во Европа ќе бидат електрични. Единствена пречка на ваквите најави можеби би можело да биде кризата во која запаѓа светот.
Според резултатите од минатогодишната студија на германското Здружение на автомобилската индустрија (ВДА), повеќе од 80 отсто од компаниите сметаат дека електричните возила ќе се етаблираат како нов стандард. Исто толку фирми се убедени дека веќе е започнат процесот на електрична мобилност. Сепак, 88 отсто од испитаниците сметаат дека дури од 2030 година, а можеби и нешто подоцна, ќе се случи целосна „замена“, односно доминација на возилата на електричен погон во однос на класичните погони. Еден дел испитаници сметаат дека би можеле да се етаблираат и мотори со горивни ќелии што работат на синтетички горива.
Последните настани со енормното покачување на цената на бензините и на дизелот низ светот ги мобилизираа европските влади, па Италија го зголеми субвенционирањето за купување електрични автомобили до 6.000 евра. Во Германија, субвенциите се движат од 7.500 до 9.000 евра, а државата субвенционира и купување половни електрични возила. Тоа покажува дека генерален светски тренд е да се стави дефинитивен крај на возилата што се движат на фосилни горива и да се премине на чист и еколошки превоз.
Повеќе од сигурно е дека овој тренд на електрификација на возниот парк сигурно нема толку брзо да заживее на овие балкански простори, вклучувајќи и во Македонија, а причините за тоа се повеќе. Ниската куповна моќ на населението, како и недостигот од пари и желба да се изгради соодветна инфраструктура потребна за да можат електричните автомобили да станат реалност и на нашите улици, засега се огромна пречка. Она што е сурова реалност е дека Балканот со право го стекна епитетот „отпад за возила што никој не ги сака или не може да ги вози во Европа“. Дополнително, постои опасност со зголемување на бројот на електрични автомобили во Европа, во регионот да се увезат уште повеќе половни автомобили на бензин и дизел.

Многу македонски граѓани немаат пари за нови возила, а уште помалку за електрични, кои се дури и за 60 отсто поскапи од класичните, поради што повеќето од нив и натаму се одлучуваат за половни нееколошки автомобили. Постојната инфраструктура за електрични автомобили во Македонија е речиси симболична. Главно нема брзи полначи за електричните возила, па ретките сопственици најчесто се принудени да извлекуваат продолжни кабли и во текот на ноќта да ја полнат батеријата на возилото.
Како што во моментот стојат кај нас работите, очигледно Македонија е осудена на бензинци и дизелаши уште долго време, а цената ќе ја плаќаат граѓаните, дишејќи константно загаден воздух.
– За електрични автомобили ќе почекаме. Сум забележал едно или две вакви возила низ Скопје, ама многу ретко. Немаат пари луѓето, а како што кризава почнува да зема замав и цените на горивата постојано да се покачуваат, ќе ги оставиме во гаража и оние возила што ги имаме, а не да размислуваме за нови, а уште помалку електрични – вели Златко Пејковски, трговец.
Скопски автодилер, кој повеќе години се занимава со увоз на возила од земјите на Европската Унија, вели дека досега ниту еден муштерија не му побарал да увезе електрично или хибридно возило.
– Кај нас немало никаков интерес за купување хибридни, а уште помалку електрични возила. Стандардно одеа дизелите, нешто помалку бензинците. Сега, со избувнувањето на кризата, многу тешко се доаѓа и до вакви автомобили, а не, пак, електрични. Не знам како ќе опстанеме, увозот оди многу тешко – велат од „АутоБерн“.
Ниту дилерите на нови автомобили не можат да се пофалат со некаква забележителна продажба на хибридни или електрични возила, а македонските граѓани сè уште ги претпочитаат возилата на класичен погон.

– Граѓаните покажуваат интерес за хибридните и електричните автомобили, но тоа е многу мал процент за да може да кажеме дека во Македонија од 2030 година ќе има значително зголемување на користењето на електричните автомобили по нашите патишта. Таа цел што светот си ја поставува, тешко дека за нас е дофатлива. Еве и сега тука сè уште се бараат дизел-возила, посебно за малата класа – велат од „Форд Македонија“.
Според нив, причините за тоа, покрај послабата куповна моќ, треба да се бара и во скепсата на македонските граѓани кон новото.
– Не е само до куповната моќ, туку и до довербата што ја имаат македонските граѓани во новите технологии и стравот од новото. Едноставно се научени на класичните верзии и со извесна скепса пристапуваат кон електричните автомобили. Кај нив има недоумица што ќе се случи кога ќе измине гаранцијата, ќе има ли резервни делови, колкава ќе биде нивната цена и слични прашања околу кои се премислуваат – појаснуваат од „Форд Македонија“.

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
Google search engine
spot_img
spot_img

ПОСЛЕДНО ОБЈАВЕНИ