сабота, април 20, 2024
spot_img
ПочетнаШтип NewsСо низа активности ученици од Штип го одбележаа Денот на планетата Земја
spot_img

Со низа активности ученици од Штип го одбележаа Денот на планетата Земја

Преку истражување и низа активности учениците од основните училишта „Гоце Делчев“ во Штип и „Страшо Пинџур“ во Карбинци го одбележаа Денот на планетата Земја. Спроведување прашалници, посета на јавни претпријатија, ликовен хепенинг и анализа на водата, беа само дел од активностите кои се спроведуваа во изминатиов период на значајни датуми. Учениците работеа под мотото „Нула загадување за поздрави луѓе и поздрава планета“.

„За 22 март – Денот на водите бевме во посета на ЈП „Исар“ – Штип и ЈП „Плачковица“ – Карбинци, каде со анкетирање на граѓаните и разговор со директорите дојдовме до заклучок дека граѓаните и не ја користат толку рационално водата, а последиците ќе ги видиме во понатамошните години. А во пресрет на Денот на планетата Земја нашата трета активност беше со акцент на младите, каде со изработување на макети на планетата Земја и сложувалки тие добија перцепција за важноста на еко системот и како да ја заштитат нашата планета во иднина“, истакна Теа Барбашка, ученичка во ООУ „Страшо Пинџур“ – Карбинци.

Освен посетата на јавните претпријатија и ликовниот хепенинг, учениците заедно со стручни лица во Центарот за јавно здравје – Штип ја испитуваа и загаденоста на водата од реката Брегалница.

„Сакаме да ја подигнеме свеста на луѓето за загаденоста на водите. Затоа бевме во Центарот за јавно здравје каде беа однесени примероци од водата во реката Брегалница со кои сакавме да се направат испитувања и да се види колку е зголемена загаденоста на водите во изминатите четири години. Исто така, направивме анонимни прашалници кои беа поделени на возрасната група на граѓани. 60% од одговорите кои ги добивме од возрасните анкетирани лица укажаа на тоа дека нагло е зголемена загаденоста на водите во изминатите четири години и дека сето тоа се човечки фактори“, истакна Марија Димитриевска, ученичка во ООУ „Страшо Пинџур“ – Карбинци.

За учениците кои учествуваа во активностите, истите се начин да се покаже дека секој граѓанин треба да биде активен во својот град, а дополнително се доказ за тоа што значи да се работи во тим и да се градат заеднички врски.

„Преку реализирање на вакви истражувања ние учениците се здобиваме со проширено знаење во областа на научното истражување, давање мислење и учиме нови факти кои се во областа на науката поврзана во темата.“

„Најголем впечаток ни остави лабораторијата и тоа колку најмалите се засегнати со штетните ситуации, исто така и збогатеното знаење и прекрасните дружби помеѓу двете училишта.“

„Ние би учествувале на уште многу вакви работилници, бидејќи желбата да се знае нешто буди поголема желба да се научи повеќе. Системот на редовно образование на човекот му дава самоподготовка за живот.“

Учениците активноста ја спроведуваа под менторство на наставничките Јулијана Поповски од секцијата на млади физичари и Горица Смилкова од Еко клубот. Активностите се спроведуваа во соработка со ЈП „Исар“ и „Плачковица“, Општина Штип и Одделението за животна средина и урбанизам и Центарот за јавно здравје – Штип.

Ребека Спасова М-Нет

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
Google search engine
spot_img
spot_img

ПОСЛЕДНО ОБЈАВЕНИ