вторник, април 23, 2024
spot_img
ПочетнаНекатегоризираноПрочка – празник за проштавање и очистување од гревовите
spot_img

Прочка – празник за проштавање и очистување од гревовите

Сиропусната, белата, прошталната седмица завршува со неделата и празникот Прочка кога луѓето си проштеваат едни на други, за да ги остават и гревовите со оставањето на мрсната храна, а во постот да се воздржуваат и од гревовноста.

Прочка – Верниците меѓусебно си простуваат пред почетокот на Велигденскиот пост. Зборот „Прочка“ доаѓа од старомакедонскиот словенски збор „проштение“ = простување или од „проштати“ = проштева. Прочка е духовната метла со која ја метеме нашата душа од гревовите.

Велики поклади – Неделата навечер се поклади. Неделната вечера е богата со млечни производи, пита со сирење и јајца.

Сето ова се збива во еден ден – во последениот ден пред почетокот на Велигденскиот пост. Денес и небото и простува на земјата, а човекот му простува на човекот. Денешната порака е: Проштевајте! – Бог да прости, лесни пости! Ако не простиме, залудно ќе постиме. Лицемерно е да јадеш леб и вода, а да не проштеваш и да не се каеш.

Датирање

Прочка секогаш е во недела. Денот не го менува, но датумот го менува. Тоа е празник со непостојан датум – подвижен празник. Таа не се врзува со календарот, со конкретен датум, туку е поврзана со Велигден. Кога ќе се празнува Прочка зависи од тоа кога се празнува Велигден. И Велигден и Прочка се секогаш во недела. Седмата недела по Прочка е Велигден.

Прочка е предпочеток на Велигденскиот пост. Црквата го поставила како силен потсетник на духовниот карактер на постот. Постењето треба да започне со проштевањето и со покајанието, инаку значи дека не ни започнало или започнало само формално.

Без каење и проштевање се губи суштината на личносните односи на луѓето кон луѓето и на луѓето кон Бога. Преку тоа се искажува и се покажува љубовта кон Бога и кон луѓето. Откако ќе прости, човекот ќе има кротост, трпение, смирение и човекољубие низ добродетелноста на постот и молитвата.

Цел и смисла

Целта и смислата на празникот е да го истакне проштевањето како дело на љубовта, а љубовта е основа на христијанското живеење. Проштевањето е резулататот на љубовта. Тоа е израз на љубовта, а љубовта „сè извинува“ (1. Кор. 13,7). Кој проштева тој љуби, а кој љуби тој е од Бога и Бог е во него, бидејќи „Бог е љубов“ (1. Јов. 4,8).

Ако, таква проштална љубов покажуваат христијаните на Прочка, тогаш се добри како светиите и праведниците, како Христос и Богородица. Проштевањето е безгранично и безусловно. Прочка е празник колку на проштевањето, толку и на покајанието. А покајанието и проштевањето се почеток на Евангелието. Таков е почеток на христијанското живеење. Првите зборови на Господ Исус Христос биле повик на покајание, проштевање и љубов.

Проштевањето е духовен пост, кој треба да му претходи на телесниот пост. Духовниот треба да биде пред телесниот, како што е душата пред телото. „Затоа, прославете Го Бога во своите тела и во своите души, кои се Божји“, вели свети апостол Павле (1. Кор. 6,20).

Целта на празникот е со чиста душа да се започне велигденскиот пост. Уште денеска треба да започне чистењето на душата што ќе биде главна задача во постот. Утре нека почне и телесниот пост, за скротување на телото и воздржување од сластите и страстите.

Чистењето и подготовката е како што чистиме и подготвуваме за доаѓањето на важен гостин кај нас, а тоа е приемот на Господа Исуса Христа преку светата Причест.

Богослужба

Богослужбено Прочка е посветена на првиот човек Адам – на оној што прв згреши. А првиот грев на човекот во светов е гревот со храна. Светот горко нека заплаче со оној што прв падна во грев поради слатката храна и отпадна од Бога, заедно со паднатите ангели.

Денеска, пред почетокот на Постост, се сеќаваме на тоа дека, поради лакомоста и невоздржувањето од храна, Адам го изгуби рајот. Поради јадењето на Адам, Христос постеше 40 дена. Сегашниов пост е запазување на она што Адам не го запази и повторно стекнување на она што тој го изгуби. Богослужбата ни кажува колку и е потребен постот на човечката природа, како средство за лекување.

Текстот од Евангелието на денешната Литургија говори за проштевањето, за постот и за богатството – за нивната смисла, за значењето и постапувањето (Матеј 6,14-21). Тоа е цела програма за Велигденскиот пост: да простиме – да постиме и душата да ја гостиме.

На Прочка попладне, за Вечерната богослужба, се прави едноцрквие, што значи сите свештеници и верници се собираат на заедничка богослужба во централниот – Соборниот храм, со цел, во домот Божји, по молитвата, секој секому да му пружи рака за покајание и прошка и христијански да се прегрнат. Со целивот на евангелската љубов да си ги простиме грешките, навредите, омразата, пакоста, измамата, непочитта и лошото што сме го сториле едни на други.

Да му простиш некому, па тоа е вистинското дело на љубовта. Да ги избришеш сите навреди, лаги и клевети на другиот кон тебе е духовен херојство. Тоа е растоварување на двете души – и твојата и неговата, од голема тежина.

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
Google search engine
spot_img
spot_img

ПОСЛЕДНО ОБЈАВЕНИ