четврток, април 25, 2024
spot_img
ПочетнаМакедонијаНародна банка предупредува - Во оптек е фалсификувана банкнота од 2 000...
spot_img

Народна банка предупредува – Во оптек е фалсификувана банкнота од 2 000 денари

Народната банка предупредува дека се забележани фалсификувани банкноти од 2000 денари. Во нивното соопштение е наведено дека за оваа појава е известено Министерството за внатрешни работи за преземање активности во негова надлежност. Народната банка објави и фотографии за да можат граѓаните полесно да утврдат за разликите во изгледот на фалсификуваните и оригиналните пари.

„Појавениот тип на фалсификат е изработен на обична (комерцијална), двослојна хартија којашто при допир значително се разликува во дебелината, цврстината и еластичноста во однос на оригиналната хартија на која се изработуваат банкнотите. Покрај тоа, оригиналните банкноти содржат високософистицирани заштитни елементи според кои граѓаните можат да направат разлика и да ја препознаат нивната автентичност,“ се вели во соопштението.

Оттаму објаснуваат дека фалсификуваната банкнота може многу лесно да се препознае доколку се обрне внимание на основниот заштитен елемент, отпечатен со оптички варијабилна боја, којшто се наоѓа на горниот средиштен дел на предната страна на банкнотата.

Овој елемент кај фалсификуваната банкнота воопшто не ја менува бојата со придвижување на банкнотата, додека кај оригиналните банкноти, со придвижување на банкнотата под одреден агол, може да се воочи како се менува неговата боја од зелена во сина и низ елементот се појавува светлозелен прстен којшто симулира ефект на движење.

„Фалсификуваните банкноти може да се препознаат доколку се обрне внимание на водениот печат. Водениот печат кај овој тип фалсификат е имитиран со нанесување на основниот мотив со нијанса на жолтеникава и сива боја и е видлив, додека кај оригиналните банкноти е видлив единствено доколку ја поставиме банкнотата под извор на светлина,“ се вели во соопштението.

Од Народната банка апелираат до граѓаните кои ќе забележат дека до нив пристигнала фалсификувана банкнота од 2 000 денари да го известат МВР.

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
Google search engine
spot_img
spot_img

ПОСЛЕДНО ОБЈАВЕНИ