петок, март 29, 2024
spot_img
ПочетнаМагазинЖивотКинезите развија нов тест за корона, велат дека резултатите се готови за...
spot_img

Кинезите развија нов тест за корона, велат дека резултатите се готови за четири минути

Кинески научници објавија дека развиле нов тест за коронавирус кој е сигурен како лабораторискиот ПЦР тест, но ги дава резултати во рок од четири минути.

Тестовите на полимеразна верижна реакција (ПЦР) се сметаат за најточни и најчувствителни кога станува збор за вирусот што предизвикува ковид-19, но резултатите обично се чекаат неколку часа.

Во некои земји, големата побарувачка за тестирање поради експоненцијалното ширење на високо преносливата варијанта омикрон резултираше со огромен заостаток во известувањето на позитивни пациенти. Научниците од шангајскиот универзитет Фудан тврдат дека имаат решение.

Во статијата која помина рецензија, а е објавена во понеделникот во списанието Нејчр бајомедикал енџиниринг, кинеските истражувачи објавија дека нивниот сензор, кој користи микроелектроника при анализа на генетскиот материјал од брисевите, успева да ја намали потребата за долготрајни лабораториски тестови на ковид.

„Вградивме електромеханички биосензор за откривање на вирусот САРС-КоВ-2 во интегриран пренослив прототип на уред и откривме дека може да го открие вирусот РНК за помалку од четири минути“, се вели во извештајот на кинеските научници. Тие рекоа дека нивниот метод нуди брзи резултати, лесна процедура и висока чувствителност, а исто така е и пренослив.

Во експериментите се користени примероци од 33 заразени лица во Шангај, а паралелно се правени и ПЦР тестови. Резултатите од нивниот метод биле во целост согласни со резултатите од ПЦР тестовите, се вели во написот.

Студијата на 54 примероци опфаќала лица со температура кои немале коронавирус, луѓе со грип и здрави волонтери. Немало лажно-позитивни тестови, рекоа научниците од Фудан.

Уредот за тестирање се смета за посебен затоа што, откако целосно ќе се развие, може да се користи за брзо тестирање во различни ситуации, како што се аеродроми, здравствени установи, па дури и дома.

ПЦР тестовите се бавни и бараат лабораториска инфраструктура која е ограничена во многу земји, што го намалува бројот на тестови кои можат секојдневно да се извршат. И додека брзите дијагностички тестови сега се достапни во многу делови од светот, тие генерално се помалку прецизни.

Кина е еден од најголемите светски производители на тестови за коронавирус. Според податоците на царината, земјата извезла тест комплети во вредност од 1,6 милијарди долари во декември, што е за 144 отсто повеќе од претходниот месец.

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
Google search engine
spot_img
spot_img

ПОСЛЕДНО ОБЈАВЕНИ