четврток, април 18, 2024
spot_img
ПочетнаМагазинЗдравјеИЈЗ: Секој трет тестиран е позитивен на Ковид-19, за една недела починаа...
spot_img

ИЈЗ: Секој трет тестиран е позитивен на Ковид-19, за една недела починаа 148 граѓани

Расте бројот на смртни случаи, како и на нови случаи и реинфекции со Ковид-19 во земјава.

Минатата недела се регистрирани 11.916 нови случаи на Ковид-19 од вкупно 38.518 земени примероци што значи дека секој трет тестиран бил позитивен на вирусот. Главниот град Скопје и понатаму е на врвот на листата со најмногу заразени. Во Кавадарци минатата недела имаше највисока, а во Дебар најниска стапка на зараза.

Во последниот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) се наведува дека за една недела се пријавени 148 смртни случаи во 26 градови што е за 38,3% повеќе во однос на минатата недела. Најголем дел од нив се од Скопје и повеќето се на возраст над 60 години и од 50-59 години (12 починати), пренесува „Дојче Веле“.

Од почетокот на пандемијата, во Македонија има 8.409 смртни случаи како последица од вирусот. Во извештајот се вели дека 82,1 отсто од починатите имале и други здравствени проблеми – најчесто кардиоваскуларни, дијабетес, белодробни, невромускуларни, бубрежни и карцином. Од Ковид-19 починаа и девет трудници и 37 здравствени работници.

Според податоците, починале и 13 лица кои по вторпат се заразиле со Ковид-19. Од почетокот на пандемијата се регистрирани 6.494 реинфекции, а 17-мина се заразиле по третпат. Од 24-ти до 30-ти јануари биле пријавени 1.558 реинфекции.

Расте и бројот на хоспитализации – во моментов во болниците има 671 лице, од кои 390 се на кислородна поддршка, што е за 14,4% повеќе во споредба со претходна недела. Досега во лабораторијата за вирусологија при ИЈЗ се детектирани 255 пациенти позитивни на омикрон, а присутна е и делта варијантата меѓу заразените.

Досега во земјата се направени вкупно 1.788.251 тестирања. Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани од почетокот на епидемијата изнесува 268.901, бројот на оздравени пациенти е 246.864, на починати е 8.409, а бројот на активни случаи изнесува 13.628. Најголем дел се регистрирани во Скопје, Куманово, Битола, Прилеп и Тетово, додека највисок морталитет се регистрира во Охрид, Кавадарци и Прилеп.

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
Google search engine
spot_img
spot_img

ПОСЛЕДНО ОБЈАВЕНИ