четврток, април 25, 2024
spot_img
ПочетнаМагазинЖивотЖивотот на граѓаните во Македонија стана поевтин од лекот
spot_img

Животот на граѓаните во Македонија стана поевтин од лекот

Благојче Илиевски, кој речиси две години добиваше уверувања дека ќе го добие скапиот лек за цистична фиброза трикафта, ја изгуби битката со болеста. Претседателот на Асоцијацијата за лицата болни од цистична фиброза, Фики Гаспар, раскажа дека борбата на Благојче во последните три години, кога состојбата нагло му се влошувала, била тешка. Пред две години бил кај претседателот на државата за да побара помош, бил примен, но, за жал, сè се свело на пиар и фотографирање со претседателот.

Претседателот и онака нема надлежност за решавање прашања од таков вид, но Владата, како најодговорна за сите општествени состојби, треба да се грижи, меѓу другото, и за остварување на уставно загарантираното право на здравствена заштита.

Од премиерот Димитар Ковачевски само слушнавме дека се разгледуваат можностите за нови законски решенија за набавка на споменатиот лек, односно државата наместо клиниките што тонат во долгови, да биде набавувач на терапијата со цел да се постигне поповолна цена во договорите со производителите.

За жал, меѓу загрозените пациенти со цистична фиброза има многумина што немаат време за да го чекаат тоа законско „решение“ од речиси блокираното Собрание. Има такви што во моментов се мачат да дојдат до здив од секретот што се создава како последица на тешката болест.

Обид за купување време во отсуство на вистинскиот лек беше и објаснувањето на министерот за здравство Беким Сали, кој изјави дека е подготвен да пренамени пари од буџетот на Министерството за да се покријат трошоците годинава за купување на лекот трикафта за 30 пациенти со цистична фиброза, наместо за осум, колку што министерот за финансии и клучарот на државниот сеф Фатмир Бесими вети дека ќе обезбеди со негова итна интервенција. Со таа, министерот Сали „испука“ една од петте свои изјави, кои ги предвиде дека ќе ги даде пред да биде сменет од министерската фотелја. Притоа додаде дека не одговара на прашања за политика и дали ќе биде сменет, туку се труди само да ги исполни ветувањата што ги дал.

Можеби е и погрешно да се префрли целата вина врз првиот човек во македонското здравство, кој нема ниту цела година од мандатот зад себе. Процесот на „претурање министри од шупливо во празно“ во оваа наша Влада ќе продолжи со или без него и ќе се менуваат толку често колку што ќе има обиди да се спасува владиното мнозинство во парламентот, кое е тенко уште од 2017 година до денес. Веќе не можеме да следиме кој е виновен, на пример, за долгот од осум милиони евра (може и неполни 20 милиони да бидат, зависи од преговорите со фирмата) за неизградениот Клинички центар во Штип. Никој оваа дубиоза не ја нарече прескапа. Ним им се скапи само лековите за ретките болести.

Да бев на местото на министерот Сали, ќе ја искористев една од три-четирите изјави што му преостанаа пред да го сменат за да кажам дека поднесувам оставка затоа што не сум успеал да го спасам животот на Благојче Илиевски. И онака знае дека ќе биде сменет. Но, тој мудро си молчи и чека од својот шеф и претседател на Алтернатива Африм Гаши, дали со премиерот ќе се испазари за чиновничко место повеќе за партијата. На пример, за државен секретар во Министерството за здравство, што добро би му легнало како на искусен кадар, а што повторно би му носело не мали привилегии.

Ако се прашувате дали по смртта на Благојче спијат мирно сите што денес се возат во луксузни автомобили на државна сметка и што проверуваат колку пари од државниот или општинскиот буџет им легнале на сметката на фирмата регистрирана на име на братучедот, не грижете се, спијат мирно, уште и се сликаат за Инстаграм од претседателски апартмани за кои плаќаат за една вечер колку што чини месечната терапија за трикафта.

Како да не станува збор за луѓе, седнаа двајца министри да се пазарат за колку тешко болни пациенти со цистична фиброза државата ќе обезбеди пари за лекот трикафта, кој многу ефикасно се справува со тешката болест. Едниот министер вели ќе има годинава за 30, другиот – за осум, затоа што лекот бил скап. Со вакви на власт, човечкиот живот станува евтин!

Туку, веќе не се осум, туку седум. Еден од пациентите што итно требаше да добие трикафта беше токму Благојче Илиевски.

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
Google search engine
spot_img
spot_img

ПОСЛЕДНО ОБЈАВЕНИ