четврток, април 18, 2024
spot_img
ПочетнаШтип NewsДо 2031 година 57.000 луѓе би можеле да одлетаат во вселената
spot_img

До 2031 година 57.000 луѓе би можеле да одлетаат во вселената

Благодарение на компаниите како SpaceX, Blue Origin и Virgin Galactic, ерата на вселенски туризам официјално започна. Досега патувањето во вселената беше резервирано само за астронаутите, но сега е отворено за сите – поточно за сите кои можат да си го дозволат, бидејќи за оваа животна авантура потребни се многу пари.

Можеме да кажеме дека камен-темелникот на вселенскиот туризам беше поставен минатата година – на 11 јули Ричард Бренсон, основачот на Virgin Galactic, полета до работ на вселената. За време на летот од околу еден час, ракетата Unity достигна височина од 90 километри, а вселенските туристи се чувствуваа бестежински неколку минути. Само десет дена по него, Џеф Безос ги исполни своите вселенски соништа. Во вселенското летало New Shepard, изградено од неговата компанија Blue Origin, тој отиде во вселената, достигнувајќи височина од 107 километри.

Илон Маск исто така игра важна улога во развојот на вселенскиот туризам. Иако тој самиот (сè уште) не летал во вселената, неговото вселенско летало SpaceX успешно превезува туристи во вселената и астронаути до ISS.

Според проценката на швајцарскиот финансиски холдинг UBS, моменталниот потенцијал на вселенскиот туризам е 4 милијарди долари, додека проценката на потенцијалот за вселенски туризам во 2019 година беше 3 милијарди долари. Во иднина, тие бројки ќе бидат многу поголеми, а според проценките на Northern Sky Research (NSR), до 2031 година, приближно 57.000 патници ќе летаат во вселената. Вредноста на пазарот тогаш би требало да биде повеќе од 20 милијарди долари, а најголемиот дел од нив ќе бидат приходи од вселенски туристи и патувања во орбитата.

Билети за туристички летови во вселената веќе купиле многу познати личности како Леонардо ди Каприо и Џастин Бибер – тие се дел од групата од околу 700 луѓе кои однапред платиле летови од ноември минатата година. Кога ќе продолжат летовите на Virgin Galactic, Ричард Бренсон верува дека листата на чекање ќе се зголеми на илјада луѓе.

Со оглед на тоа дека за овој облик на туризам ќе се потрошат милијарди долари, постојат неколку начини на кои во иднина ќе може да се заработува во оваа нова индустрија. Една од нив е со инвестирање во компании кои обезбедуваат услуги за летови во вселената и развиваат инфраструктура за нив. Тоа е и одлична можност за компаниите од туристичката индустрија кои можат да организираат летови во вселената. Исто така, веќе се споменуваат приватни вселенски станици и хотели со сите придружни содржини – ресторани, теретани, кафулиња итн. Цените за ваквите туристички аранжмани, секако, ќе бидат астрономски и резервирани само за оние со најдлабок џеб.

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
Google search engine
spot_img
spot_img

ПОСЛЕДНО ОБЈАВЕНИ