петок, март 29, 2024
spot_img
ПочетнаШтип NewsДонација во вредност од 8.400.000 денари добил ФК Брегалница од Општина Штип
spot_img

Донација во вредност од 8.400.000 денари добил ФК Брегалница од Општина Штип

Донација во вредност од 8.400.000 денари добил ФК Брегалница од Општина Штип. Вака стоше во извештајот и програмата за финансиското работење на ФК Брегалница Штип за 2021 година. Средствата се исплатени како донација во периодот од 9 февруари до 18 ноември минатата година.

За каква донација станува збор, најпрво прашавме во Општина Штип. Од таму ни одговорија дека сигурно станува збор за техничка грешка од страна на Фудбалскиот клуб, бидејќи Oпштината никогаш немала исплатено донација на „Брегалница“.

„Со договорот за преземање мнозински пакет од страна на ФК Брегалница е регулирано од Буџетот на Општина Штип да се издвојуваат шест милиони денари годишно за натпреварување на клубот во II лига, а девет милиони денари доколку се натпреварува во I лига.“ – истакна Трајче Цветков.

Одговор побаравме и од раководството на фудбалскиот клуб „Брегалница“. Од таму велат дека не е техничка грешка, туку дека станува збор за средства примени по разни основи кои се неповратни и затоа кај нив е со ознака донација.

„На вчерашната седница на Советот на Општина Штип, ФК Брегалница даде извештај за работењето во изминатата година. Обврска на Општина Штип, според договорот, е да исплати шест милиони денари доколку Брегалница е во втората лига плус три милиони денари доколку е во првата лига. Донација на средствата е всушност друг трансфер на пари по разни основи“ – истакна извршниот директор на клубот, Емил Тодев.

Инаку, во 2021 година ФК Брегалница приходи по разни основи има 34.884.917 денари, а расходи во вредност од 31.309.000 денари. Нето добивката на клубот е 3.580.021 денар.

Лаура Стојанова М-Нет

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
Google search engine
spot_img
spot_img

ПОСЛЕДНО ОБЈАВЕНИ