Македонскиот музичар Влатко Стефановски донираше дел од својата приватна колекција на плочи, музички списанија и книги на Музичката академија на Универзитет „Гоце Делчев“ (УГД) во Штип, објави порталот „Гоце“.
Стефановски присуствуваше на Свечената церемонија по повод 16-годишнината од основањето на УГД, каде прими признание за неговата соработка со универзитетот.
Пред неколку години, легендарниот гитарист и основач на музичката група „Леб и сол“ имаше настап и мастер клас на УГД, заедно со Мирослав Тадиќ. Музичарот вели дека за Штип го врзуваат многу спомени и дека тука создал прекрасни пријателства додека служел војска.
Стефановски верува дека и во иднина ќе има прилика да се продлабочи соработката и меѓусебната почит кој ја имаат тој и УГД.