среда, април 17, 2024
spot_img
ПочетнаШтип NewsШтип: Дури 40 жени и мажи осудени на затвор поради неплатени сметки...
spot_img

Штип: Дури 40 жени и мажи осудени на затвор поради неплатени сметки или кражба на струја

Немале пари да платат за потрошената електрична енергија, завршиле со тужба. Во друг случај, домаќинства диво се приклучиле на системот, поради што повторно завршиле на суд. Ова, според нашиот закон, е кривично дело. Осудени се, но поради тоа што немале пари, нивната парична казна е заменета со затвор.

Таква е приказната на 40 граѓани на Штип, кои моментално се во затвор на издржување на казната. Меѓу нив има и жени. Мажите се во струмичкиот затвор, додека жените лежат во Идризово, каде има женски затвор.

Ова се информациите од Основниот суд во Штип, каде им се судело.

Како што објаснија од Судот, во најголемиот број случаи обвинетиот сторил кривично дело “Кражба на електрична енергија, топлинска енергија или природен гас“ од чл.235-а ст.1 од КЗ. За ова дело судот донесува пресуда за издаден казнен налог, со која му изрекува условна осуда, односно судот му утврдува казна затвор во траење од 3 (три) месеци, чие извршување се одлага условно за 1 (една) година, доколку за време на рокот за проверување обвинетиот не стори ново кривично дело.  На обвинетиот за истото кривично дело му изрекува и споредна казна – парична казна во висина од 20 евра до 5000 евра во денарска противвредност, во зависност од количината на украдената струја, во рок од 30 дена по правосилноста на пресудата.

-Ако обвинетиот не ја плати паричната казна во определениот рок или истата не може присилно да се изврши, судот ќе ја изврши така што за секои започнати 20 евра во денарска противвредност од 1.230 денари, ќе определи  еден ден затвор, со тоа што затворот не може да биде подолг од шест месеци, соопштија од Основниот суд во Штип.

Доколку паричната казна не може присилно да се изврши, а претходно од УЈП Штип е добиено известување дека не е присилно наплатена паричната казна, судот донесува Решение за замена на паричната казна во казна затвор.

-Најчесто обвинетите откако го добијат истото, почнуваат да ја плаќаат паричната казна на рати, а судот го повлекува Упатниот акт за затвор и донесува решение за запирање кое се доставува до УЈП. За останатите се донесува Упатен акт за издржување на казна затвор. Во моментот 35 од обвинетите се’ уште ги исплаќаат паричните казни на рати, а на 40 обвинети им е ефектуирана казната затвор.

Дури 310 решенија овој суд  има донесено во изминатиот период, со кои неплатената парична казна се заменува со затворска.

Откако ќе добијат вакви решенија, со кои е јасно дека доколку не платат, следува затвор, тие што можат да се снајдат со пари, најчесто се договараат да платат на рати или плаќаат веднаш.

Во спротивно, заминуваат во затвор.

Според граѓанските организации, кои се занимаваат со темата сиромаштија, тие што што се кредитоспособни, земаат кредит или се позајмуваат и тоа е долг процес на враќање пари. Тие што немаат начин да позајмат, немаат каде и завршуваат во затвор.

Другата страна на приказната е ЕВН. Од компанијата пак, настојуваат да го запазат законскиот рок за тие што доцнат со плаќање и да ги избегнат застарувањето на сметките.

-За неплатените фактури за електрична енергија на физичките лица може да се тужат до година дена, а на правните лица до три години. Корисниците се известуваат односно опоменуваат за неплатениот долг во тековните фактури и се предупредуваат дека доколку не се подмири истиот ќе се поведат мерки за присилна наплата, објаснија од ЕВН.


Следната инстаца е нотар, извршител па суд.

Праксата во Основниот суд во Штип покажува дека паричните казни кои се заменуваат со казна затвор најчесто се изрекуваат во висина од 3.690 денари, 7.380  и 12.300 денари, а поретки се повисоките казни во висина до 50,000 денари.

Извор: mms.mk

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
Google search engine
spot_img
spot_img

ПОСЛЕДНО ОБЈАВЕНИ