Вториот Фестивал на Веселото штурче ќе се одржи на 28 септември во големата сала на Домот на култура. Како што информираше директорот на Фестивалот, Филип Стевановски, на премиерната вечер ќе настапат 24 деца со 21 нова песна, кои беа избрани по пат на конкурси. И годинава солистите ќе ги придружуваат хор и детски бенд. Доколку има интерес, посочува Стевановски, ќе се организира и претпремиерен концерт, како што беше и минатата година.
„Официјално, датумот ќе биде 28 септември, со почеток во 19:30 часот. Тоа ќе биде премиерата на Фестивалот каде што премиерно ќе се изведат новите композиции, новите песни коишто ги имаме за оваа година, а имаме веќе 21 авторска песна од различни автори, од нив три се дуетски, значи, ќе настапат 24 деца коишто се солисти на Фестивалот. Имаме хор од 14 деца и бенд од четири дечиња“, истакна директорот на Фестивалот, Филип Стевановски.
Новитет оваа година е што Фестивалот ќе има хуманитарен карактер. Производи со ликот на Веселото штурче ќе се продаваат на штанд на самата фестивалска вечер, а потоа дел од собраните средства, како и дел од средствата од продажбата на влезници ќе имаат хуманитарна намена. Следната година ќе се стипендираат оние дечиња кои имаат талент, но не и финансиска можност да бидат дел од Фестивалот. Ваквата идеја се спроведува заедно со Фондацијата за развој на локалната заедница.
„Идејата е преку тоа што секој од нас ќе купи карта за Фестивалот, ќе купи некаков производ, ќе донира приватни средства. Тие средства да ги здружиме и да направиме нешто коешто е важно не само за децата, туку за целата заедница. Идејата е ова да оди како долгорочна соработка, почнувајќи од овој Фестивал. Ќе бидат купени инструменти коишто ќе ги користат децата. Од следната година планираме да направиме една поширока селекција на деца низ училиштата, вклучувајќи ги и основните училишта, со цел да ги пронајдеме талентите коишто немаат финансиска можност да учествуваат и да им овозможиме да го направат тоа“, вели Борис Шарковски, програмски директор на ФРЛЗ.
По фестивалската вечер, ќе следуваат и концерти и каравани во повеќе градови од земјава, со цел Веселото штурче да не остане во Штип, туку да допре и до други деца барем во рамките на Источниот Регион.