Изминативе две недели санирани ударни дупки има на неколку локации во градот. Пред нешто повеќе од еден месец првиот човек на ЈП „Стипион“, в.д. директорот Игор Ефтимов, во изјава рече дека ударните дупки ќе почекаат повисоки дневни температури. Сега Ефтимов потенцираше дека голем дел од работата е завршен, но јавното претпријатие ќе продолжи да работи на санацијата.
„Како што кажав и претходно, кога температурата беше многу ниска, не работеа асфалтните бази. Меѓутоа, асфалтните бази почнаа со работа и ние како јавно претпријатие последниве две недели активно работиме на санација на ударни дупки на територијата на општина Штип. За почеток беа санирани сите ударни дупки во населбата Баби, потоа кон Дузлачки рид и во централното градско подрачје. Меѓутоа, остануваат голем број на дупки коишто треба да бидат санирани, а на коитшо се работи овој период. На булеварот „Гоце Делчев“ се санираат ударни дупки кај м.в. Огледало и кај црквата „Св. Никола“. Во наредниот период, како што кажав, шутот ќе биде отстранет од сите ударни дупки и ќе бидат пополнети со асфалт од наша страна“, рече Ефтимов.
Сепак, ударните дупки се санираат на веќе претходно користениот начин. Во ноември минатата година еден економски оператор, односно македонско – данска компанија со санација на разни видови проблеми на улиците низ Штип го промовираше својот продукт „Пластасфалт“ кој се нанесува директно на дупките и пукнатините. Овој метод веќе се применува во Данска и Германија, а од пред неколку месеца и во некои општини во градот Скопје. Меѓутоа, за проблемите кои се на улиците низ Штип овој начин се покажал како неефективен и нема да се применува.
Ребека Спасова М-Нет