сабота, април 13, 2024
spot_img
ПочетнаПолитикаРусија е пред финансиски колапс, но страдаат и другите
spot_img

Русија е пред финансиски колапс, но страдаат и другите

Францускиот министер за финансии, Бруно Лемер, изјави дека Европската Унија и САД започнале „економска војна“ против Русија, мислејќи на санкциите на Западот против Москва, кои ја отсекоа земјата од меѓународните финансиски пазари. 

Таканаречената економска војна ја доведува Русија пред финансиска пропаст, а рубљата падна на рекордно ниско ниво во однос на американскиот долар. Ова ги натера Русите да застанат во ред пред банкомати со надеж дека ќе подигнат готовина. 

Сепак, не го чувствува само Русија притисокот од западните санкции, кои беа покренати како одговор на војната на рускиот претседател Владимир Путин против Украина.

Санкциите им нанесуваат штета на бројни држави, од Египет до Германија, кои во голема мерка се потпираат на пченица и природен гас од двете страни во војната. 

ДВ анализираше што би значеле санкциите против Русија за луѓето во другите земји. 

Зголемување на цените на енергијата 

Цените на нафтата и природниот гас пораснаа по уште една рунда санкции од Запад кон Русија за време на викендот, додека трговците се подготвуваа да ги прекинат испораките од Русија, еден од најголемите светски извозници на нафта и гас, и Украина, главна транзитна земја за рускиот гас. 

Цени на горивата во Холандија

Досега санкциите не беа директно насочени кон енергетскиот сектор, но трговците стравуваат дека Москва би можела да возврати со ограничување на извозот на нафта и гас и дека западните санкции на крајот би можеле да бидат проширени – со цел директно да му наштетат на огромниот и значаен енергетски сектор во земјата. 

„Руските енергетски испораки се загрозени, или поради тоа што Русија ги укина или поради санкциите на Западот“, вели Луиз Диксон, аналитичарка на нафтениот пазар во компанијата Ристад енерџи. 

Исто така, постои загриженост дека исклучувањето на големите руски банки од платниот систем СВИФТ може да го отежне купувањето на руска нафта и гас. Европските банки Societe Generale и Credit Suisse го прекинаа финансирањето на сите стоки од Русија. 

Тоа предизвикува загриженост за многумина во Европа, која добива повеќе од една третина од потребниот гас и околу четвртина од потребната нафта од Русија. Секој прекин во снабдувањето со гас може да ги остави Европејците без доволно гас за да ги загреат домовите и со огромни сметки за струја, бидејќи комуналните претпријатија ќе треба да се мачат да набават гориво за производство на енергија. 

„Влијанието на санкциите врз енергетскиот сектор се чини дека е помалку сериозно отколку што би можело да биде. Но, да не забуна, постојат ризици со далеку полош исход“, им рече на клиентите аналитичарот на Дојче банка, Џим Рид. 

Зголемување на цените на храната 

Кризата, исто така, ги зголеми стравувањата за залихите на житарици, како пченица и пченка, како и маслодајни семиња. На берзата за жито во Чикаго, цените сè уште растат откако во петокот достигнаа највисоко ниво во последните 12-13 години, а цените на пченката исто така се зголемија. 

Русија и Украина заедно сочинуваат околу 30% од светскиот извоз на пченица, речиси една петтина од трговијата со пченка и околу 80% од извозот на сончогледово масло. Храната е вториот најважен извоз на Украина – по железото и челикот. Двете земји се клучни снабдувачи на пченица за Блискиот Исток и Европа. Турција и Египет се најголеми увозници на руската пченица. Infografik Weizen Export Russland Ukraine EN

Кој купува житарки од Русија и од Украина

Минатата недела Кина ги укина ограничувањата за увоз на пченица од Русија – и сега пченицата од цела Русија може да оди во Кина. Претходно тоа беше можно само од седум руски региони. Руските власти на почетокот на февруари објавија дека Кина ќе дозволи увоз на пченица и јачмен од сите делови на Русија. Соодветен договор беше постигнат за време на посетата на претседателот Владимир Путин на Кина на почетокот на февруари. 

Војната во Украина веќе го наруши извозот од пристаништата на Црното Море, кои се користат за транспорт на жито во Азија, Африка и во Европската Унија. 

Египет беше принуден да го откаже тендерот за откуп на пченица во понеделникот – откако доби само неколку понуди, по многу високи цени. Експертите стравуваат дека руските воени операции дополнително ќе ги зголемат цените на храната во земји како Либија, Јемен и Либан, каде веќе има криза со храна. 

Инфлацијата ќе продолжи да беснее 

За повеќето луѓе ширум светот, економското влијание на војната во Украина и санкциите би се почувствувале во форма на повисока инфлација предизвикана главно од повисоките цени на енергијата, металите и храната. 

Цените на алуминиумот скокнаа на рекордно високо ниво, надминувајќи го врвот во 2008 година за време на глобалната финансиска криза. Трговците стравуваат дека санкциите против Русија и возвратните мерки на Москва би можеле да го нарушат глобалното снабдување со алуминиум. Русија произведува околу 6% од светскиот алуминиум. 

Неизвесноста околу економското закрепнување на крајот може да ги одложи плановите на централните банки да ги зголемат каматните стапки

Снабдувањето со овој енергетски интензивен метал ќе биде погодено и од повисоките цени на енергијата и од недостигот на електрична енергија, што може да доведе до затворање на повеќе погони за преработка на алуминиум.

„Најновите глобални нарушувања на синџирот на снабдување претставуваат клучен ризик и, во најмала рака, цените на овие стоки веројатно ќе останат високи некое време, одржувајќи ја глобалната инфлација висока на подолго време“, рече Џејсон Туви од Capital Economics.

Руската инвазија ризикува да го наруши глобалното економско закрепнување од пандемијата, комплицирајќи ги работите за политичарите од коишто се очекува да ја заострат понудата на пари за да ја зауздаат ​​инфлацијата, која што беше висока во земји како САД и и Германија – дури и пред војната.

Неизвесноста околу економското закрепнување на крајот може да ги одложи плановите на централните банки да ги зголемат каматните стапки – што значи дека ултра евтините хипотеки и личните кредити би можеле да се задржат уште малку.

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
Google search engine
spot_img
spot_img

ПОСЛЕДНО ОБЈАВЕНИ