понеделник, април 15, 2024
spot_img
ПочетнаШтип NewsПризнанија и награди за најдобрите спортисти во Штип за 2021 година
spot_img

Признанија и награди за најдобрите спортисти во Штип за 2021 година

Со овации и голем аплауз Емил Павлов беше прогласен за најдобар спортист за 2021 година. Двократен европски првак и добитник на сребрениот медал на Светското првенство во Дубаи во изминатава година се неговите најголеми успеси со кои ја заслужи наградата спортист на годината од Општина Штип. Павлов наградата ја добива по седми пат, а како што вели, за него ова е мотив повеќе да работи, тренира и да нижи успеси за штипската и македонската јавност.

„Најпрво сакам да се заблагодарам на штипските телевизии што секогаш ги промовираат моите успеси. Чувството по седми пат да се биде најдобар спортист на град Штип навистина е прекрасно, бидејќи знаеме дека градот Штип секогаш имал успешни спортисти и оваа награда за мене е еден голем мотив и понатаму да продолжам да го правам тоа што го правам на уште повисоко ниво. Секоја награда којашто ја добивам токму од градот Штип ја оправдувам и се трудам да бидам се подобар и подобар“, рече Павлов.

Пред Павлов годинава предизвик ќе биде Европското првенство, на кое двапати бил првак, меѓутоа во категорија до 60 килограми. Сепак, неговата највисока цел е во збирката награди да го има и златниот медал од Светско првенство.

„Не знам дали во градот има некој светски сениорски вицепрвак, но за првпат сум македонски каратист којшто освоил сребрен медал од Светско првенство. Претходно, двапати бев европски, но никогаш не сум бил светски првак. Ова беше голем исполнет сон, но сè уште се чувствувам добар, во добри години, па моја следна цел е да бидам светски првак во наредните две години. Оваа година ме очекува и Европско првенство, каде што за првпат ќе се обидам и во оваа погорна категорија да обезбедам медал, бидејќи претходно медалите ги освојував во категорија до 60 килограми“, додаде Павлов.

Освен за Павлов доделени беа награди и признанија на пионери, кадети, младинци, тренери, спортски работници и афирматори на спортот и спортските активности. За спортски амбасадор на Штип награда ја доби Бобан Николов. Најдобар тренер за 2021 година е Жарко Арсовски од Карате клубот „Штип“. Наградата за спортски судија, пак, отиде во рацете на Никола Мицевски. „Брегалница“ беше прогласена за најдобар спортски клуб.Награда за посебен придонес и афирмација на спортот добија Бојан Миовски и Мартин Поповски. Наградата за посебен придонес во училишниот спорт ја доби Павле Тодоров. Михаела Санева беше добитник на признание за спортски подвиг, а признание за поддршка и развој на спортот особено во женската кошарка доби Марија Гогова. Бобан Данов, пак, е спортски работник на годината.

Манифестацијата посветена на сите спортски работници и афирматори на спортот се одржа вчеравечер во Големата сала на Општина Штип. Најдобрите ги избра Комисијата за спорт при Општина Штип, а манифестацијата традиционално се одржува со поддршка од Градоначалникот и Советот на Општина Штип.

Ребека Спасова М-Нет

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
Google search engine
spot_img
spot_img

ПОСЛЕДНО ОБЈАВЕНИ