Почнува реконструкцијата на покривот на клонот „Развигорче“ во населбата Автокоманда, кое е во рамките на детската градинка „Вера Циривири-Трена“–Штип.
Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, кој денеска изврши увид истакна дека по речиси половина век овој објект ќе добие нова покривна контрукција. Градежните активности почнаа денеска, а Јорданов најави дека по завршување на реконструкцијата на покривот ќе се постават и фотоволтаични панели.
-Започнуваме со активности за промена на кровната конструкција на клонот „Развигорче“ во детската градинка „Вера Циривири Трена“ во населбата Автокоманда. Веднаш по завршување на реконструкцијата на кровната конструкција ќе се поставуват фотоволтаични панели на истата кровна контрукција, рече Јорданов.
Посочи дека инвестицијата е вредна повеќе од 11 милиони денари.
– Станува збор за проект поддржан од Амбасадата на Словенија.Повеќе од 11 милиони денари се обезбедени преку буџетот на Општина Штип и преку Словенечката амбасада за реконструкција на оваа кровна конструкција која повеќе од 45 години е стара, создаваше проблеми во воспитно-грижувачкиот процес на повеќе од 270 дечиња, рече Јорданов.
И покрај градежните активности, во овој објект се згрижуваат децата од претшколска возраст од штипската населба Автокоманда.