– Штипската улица „Карл Маркс“ се реконструира со павер-елементи. Денеска започнаа градежните активности, а градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов вели дека се во рамки на веќе утврдената Програма за уредување на градежно земјиште и ќе завршат во следните неколку дена.
-Од денес, па во наредните денови улицата ќе се уредува со поставување павер-елементи. Претходно улицата беше доста оштетена поради настанати дефекти на водоводната линија и заради изведување на други градежни активности, така што ја ставивме оваа улица во Програмата за уредување на градежно земјиште. Очекувам да биде изреализирана, обновена и да биде во функција и во корист на овдешните жители, пред сѐ на жителите коишто живеат во станбената зграда којашто се наоѓа во непосредна близина на самата оваа улица, рече Јорданов.
Во рамки на Програмата на ЈП „Исар“, пак, ќе се започне и со промена на водоводната мрежа на уште две улици, што, како што вели Јорданов, било барање на жителите. Дополнително ќе следи и асфалтирање.
-По завршувањето на овие активности, веднаш ќе се префрлиме заедно со ЈП „Исар“ на обнова на подземната инфраструктура на улиците „Пиринска“ и „Добре Радосављев“. Ќе се изврши промена на водоводната мрежа, а веднаш потоа и асфалтирање на овие улици коишто се во непосредна близина и се врзуваат со улицата „Карл Маркс”, додаде Јорданов.
Финансиските средства потребни за уредување на улицата „Карл Маркс“ се во висина од 600.000 денари, а за останатите две улици на кои ќе се работи, вели Јорданов, дополнително ќе биде информирано.