Додека цените на храната на светските берзи се намалуваат, кај нас не само што не стагнираат, туку кај дел од производите може да се види како малку по малку се зголемуваат. Упатените велат дека сега требаше да има одредено намалување на цените затоа што поевтини струјата, горивата и суровините, но низ маркетите ситуацијата е поинаква. Намалени цени нема, некои се задржани по старо, а некои отишле и нагоре. Потрошувачите се жалат дека последниов месец забележале поскапување на јогуртот, урдата и некои видови сирења. И покрај тоа што власта тврдеше дека откако ќе одмрзнат цените на млечните производи нема да поскапат, сепак тоа не се случи.
Според познавачите на состојбите на пазарот, причината се новите измислени давачки од страна на трговците кој влијаеја на зголемување на цените на млечните производи иако реално се очекуваше да паднат поради намалување на цените на суровината – млекото, струјата.
-И покрај тоа што се очекуваше млечните производи да поевтинат поради падот на цената на суровината – млекото, струјата, зголемен увоз на млеко од Србија и Босна и Херцеговина тоа не се случи. Освен поради одмрзнување на цените поскапувањето на јогуртот, урдата и некои видови сирења се должи на дополнителни давачки од страна на трговците. На тој начин тие сакаат да ги компензираат загубите кои ги претрпеа поради мерките и покрај тоа што сите мерки беа на товар на млекарниците, а трговците си остваруваа профит, вели за весникот ВЕЧЕР, Цветанка Стојаноска-Пешовска, претседател на Здружението на производители и преработувачи на млеко и млечни производи „Знак за квалитет“.
Според неа, се подготвува нов закон за потрошувачи со кој ќе се спречат трговците да наплатуваат дополнителни давачки кои ги зголемуваат цените на производите.
Во маркетите некои видови јогурт се поскапени од 5 до 7 денари, урдата е зголемена за 5 до 10 денари во зависност од производителот, а има зголемување на некои видови сирења.
Потрошувачите велат дека кашкавалот и овчото сирење за нив одамна се луксуз и кај овие производи не ги забележуваат промените на цените бидејќи ретко ги купуваат. Повеќе ги загржуваат цените на оние производи кои им се неопходни во секојдневната исхрана, млеко, јогурт, сирење…
-Јогуртот од 56 се качи на 63 денари, поскапена е и урдата и кравјото и козјото сирење. Освен јогурт и млеко треба и леб, месо… Веќе илјада денари не ни стигаат за дневно пазарење. Затоа почнавме да купуваме само тоа што е на акција, вели една купувачка во маркет.