вторник, септември 26, 2023
Google search engine
ПочетнаШтип NewsОлимписки ден во Штип, за афирмација на спортот Општината издвојува над 15...
spot_img

Олимписки ден во Штип, за афирмација на спортот Општината издвојува над 15 милиони денари

Со пригодна манифестација во Штип се одбележа училишен олимписки ден на 30-годишнина од основањето на Македонскиот олимписки комитет. Прво, во ООУ „Димитар Влахов“ учениците посветија час на спортот, како и во текот на нивните часови по Физичко и здравствено образование, а им беа доделени топки за фудбал, ракомет, кошарка и одбојка. Значење на спортот и спортските активности во своите пригодни говори дадоа и градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, и претседателот на Олимпискиот комитет, Даниел Димевски.

„Денес сме во училиштето „Димитар Влахов“ во коешто се донира одредена спортска опрема којашто ќе биде од корист на училиштето и на учениците коишто ќе спортуваат овде. Наша обврска како Локална самоуправа е во наредниот период да ја подобриме спортската инфраструктура, да ги подобриме терените на коишто ќе спортуваат овие деца, училишната сала којашто во ваква состојба има потреба од реконструкција. Јас се надевам дека ова е одлична можност за да се стимулираат и мотивираат најмладите генерации и од нив да произлезат големи спортски имиња какви што Штип дал досега во минатото“, истакна Јорданов.

„Драги штипјани, денеска сме тука со вас на посебен ден. Денеска е јубилејот, 30 години од кога е основан Македонскиот олимписки комитет, Ден на пролетта и зошто да не симболизира еден одличен нов почеток. Имаме нов, млад, амбициозен градоначалник којшто многу го сака спортот. Сигурен сум дека ќе направи многу за спортот. Штип бил, е и ќе биде спортски град. Имаме многу медалисти, особено во боречките спортови, но сега правиме напор тоа да се пренесе и на другите колективни спортови. Мислам дека Штип ќе има и одлична кошарка, ќе има и фудбал, ќе има и ракомет, ќе има и одбојка“, потенцираше Димевски.

Учениците по овој повод се претставија и со лични изработки, односно цртежи со мотиви од спортот и Олимпискиот комитет. Настанот го поздрави и директорката на ова основно училиште, Невенка Величкова.

„Особена чест и задоволство ми е што денес ние како училиште сме домаќини на овој училишен олимписки ден во чест на Македонски олимписки комитет. Од мое име и од името на вработените и присутните го поздравувам овој настан и посакувам уште многу вакви настани за развивање на спортскиот дух и создавање на една здрава и силна генерација. Ви благодарам што ни подаривте уште еден спортски ден за паметење!“, порача Величкова.

Одбележувањето продолжи со трибина во салата на Советот на Општина Штип, каде градоначалникот потенцираше дека штипските спортисти и спортски работници во претстојниот период ќе добијат поддршка од Општината од над 15 милиони денари. Односно, финасиските средства ќе се искористат за афирмација на спортот, а не делење по основ на политичка партија.

Ребека Спасова М-Нет

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
Google search engine
spot_img
spot_img

ПОСЛЕДНО ОБЈАВЕНИ