Простории во рамки на подрачното училиште во штипската населба Три чешми ќе се пренаменат во детска градинка. Истата ќе има посебен влез и посебни стандарди кои веќе се усогласени со ресорното министерство. Активностите започнаа денеска, а, според градоначалникот Јораднов, ќе завршат за неколку месеца.
„Станува збор за триесетина дечиња коишто имаат потреба од згрижувачки процес, предучилишна возраст. Имајќи предвид дека населбата Три чешми е неколку километри оддалечена од постоечките градинки коишто се наоѓаат на територија на општина Штип, одлучивме со инвестиција на Општината во вредност од 2.000.000 денари да ги преадаптираме постоечките простории. Ќе има три простории, една занимална, помошна просторија, тоалети и посебен пристап, којшто ќе овозможи да се одвива згрижувачкиот процес во рамки на основното училиште „Гоце Делчев“, а под детската градинка „Вера Циривири-Трена““, истакна Јорданов.
Директорката на градинката, Ивана Ангеличкова, посочува дека оваа активност е по анкетирањето на родителите, кои истакнале дека има реална потреба од ова. Ги повика родителите да се обратат во службата и да ги запишат своите деца.
„Почна реконструкцијата за пренамена на училница за нашите потреби за родителите коишто беа анкетирани и имаа потреба за згрижување на нивните дечиња во населбата. Чест и гордост ни е што успеавме да ја средиме целата документација, се надеваме дека со функционалната анализа ќе ни ги одобрат и вработувањата за соодветен кадар којшто ќе се грижи за згрижување на дечињата. Исто така ги повикувам сите родители коишто беа анкетирани, да се обратат во стручна служба, да ги пополнат барањата за да ја оформиме групата“, истакна Ангеличкова.
Во рамки на училиштето ќе се изгради и мултифункционално затворено игралиште за кое средства се обезбедени со последниот ребаланс на Буџетот на Општина Штип.
„Едно мултифункционално затворено игралиште коешто е нотирано како потреба на жителите и учениците коишто учат во основното училиште во Три чешми, затоа што во текот на зимните месеци имаме отежнати надворешни влијанија и не можат да ја следат наставата за Физичко образование. Ова е исто така една можност салата да ја користат сите спортисти, рекреативци од оваа населба“, додаде Јорданов.
Јорданов посочи дека во текот на летниот распуст е планирана и реконструкција на просторија, која ќе биде училница, проект за кој средствата дополнително ќе се утврдат.