Времето ќе биде променливо облачно со повремени слаби врнежи од дожд, на планините и некои повисоки места врнежите ќе бидат од слаб снег.
Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец, кој наместа долж Повардарието повремено ќе засилува. Температурата ќе достигне до 14 степени.
Во следните денови во Македонија, и тоа особено во западните предели ќе има повремени врнежи со слаб до умерен, понекаде и со умерен интензитет.
Врнежите ќе бидат од дожд во градовите, додека снег ќе врне на повисоките места и на планините.
Снежната граница особено на запад локално ќе се спушти и под 1000 м.н.в, со што појава на лапавица понекаде ќе има и во градовите. Ќе продолжи да дува северниот ветер и ќе биде НЕВООБИЧАЕНО СТУДЕНО за овој период од годината.
Особено студено ќе биде навечер и наутро, кога минималните температури на повеќе места ќе се спуштаат до, па и под нулата, односно истите ќе се спуштаат во интервалот од -5 до 2 степени. На високите планински места и тоа особено на северозапад температурите ќе се спуштат дури и под -5 степени.
Максималните температури ќе бележат тенденција на мал пораст, но и понатаму ќе бидат ЗНАЧИТЕЛНО ПОД ПРОСЕКОТ за овој период од годината и во следните денови тие ќе се искачуваат во интервалот од 5 до 13 степени.
Во Скопје исто така ќе има услови за повремени послаби врнежи од дожд, а на околните повисоки места и на планините ќе провејува снег. Ќе продолжи да дува северниот ветер. Наутро температурите ќе се спуштаат во интервалот помеѓу -2 и 2 степени, додека максимални дневни температури ќе се искачуваат во интервалот помеѓу 9 и 13 степени.
Инаку целиот регион е зафатен од невообичаено студениот бран од север. Во соседна Србија има и снежна покривка на повеќе места. Снег падна и во главниот град на оваа држава, Белград. Во Хрватска беснееше и Орканска бура со брзина на ветер и до 110 км/час, понекаде и повеќе.
За време на изминатиот голем влажен бран од Медитеранот кој ја зафати нашата држава, на многу места донесе значително количество на воден талог (над 30 л/м2, а најмногу дожд наврна во Демир Капија и тоа 50 литри). На планините и повисоките места дојде до формирање на нова снежна покривка, што значи дека Скијачките центри се подвторно под снег – вели метеопрогнозерот Славчо Попоски.