Во штипско Ново Село денеска се одбележаа 120 години од смртта на Гоце Делчев. По тој повод Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД)-Штип во соработка со Општина Штип организираа чествување пред спомен релјефот на Гоце Делчев на зградата на ректоратот, со цел да му се одаде почит на великанот, кој токму во оваа зграда бил учител заедно со Даме Груев и Ѓорѓе Петров.
Ректорот на УГД-Штип, Дејан Мираковски истакна дека му е чест што Универзитетот го носи името на најголемиот македонски великан и револуционер и што заедно со општината го организираат настанот за одбележување на 120 години од смртта на Делчев.
– Имаме пригодна Програма во која се вклучени професори и студенти од факултети на УГД. Ова е местото каде што големиот револуционер бил учител, токму во оваа зграда, вели Мираковски.
Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов истакна дека најдобар начин да му се даде почит на Гоце Делчев е во иднина да се следи неговата идеја и се бориме за самостојна, независна и економски развиена Република Македонија.
– Нашите мисли и на сите активни чинители во ова заедничко општество мора да бидат насочени за да на вистински начин го испочитуваме овој великан, којшто остави траен белег на нашата историја и којшто ни го трасира патот по којшто треба да се движиме, вели Јорданов.
Универзитетската професорка Ана Витанова-Риганчева имаше беседа за Гоце Делчев, а настапија маестро Борис Трајанов и Елена Силјановска на пијано, како и Универзитетскиот ансамбл „Македонија“.
По повод 120 години од убиството на Делчев и Факултетот за образовни науки организираше настан, односно го промовираа историското катче, во кое е поставена училишна клупа од времето кога Делчев учителствувал во училиштето во старата штипска населба Ново Село, негови портрети, како и презентација за развојот на образованието во Штип.