четврток, април 25, 2024
spot_img
ПочетнаМагазинЖивотПаника кај родителите: Градинките и училиштата полупразни - Респираторниот синцицијален вирус не...
spot_img

Паника кај родителите: Градинките и училиштата полупразни – Респираторниот синцицијален вирус не е наивен за децата, внимавајте на три симптоми

Педијатриските амбуланти и детски болници се преполни со деца заболени со респираторен синцицијален вирус (РСВ). Дневно, велат педијатрите, за преглед доаѓаат над 200 деца, што укажува дека РСВ во моментов пустоши меѓу најмалите. Сите болнички кревети се зафатени и Институтот за белодробни заболувања кај децата – Козле, каде што е преполно со пациенти, вели д-р Оливер Зафировски.

Кај родителите владее огромна паника, иако уверуваат лекарите, овој вирус не е ниту нов, ниту непознат.

“Факт е дека респираторниот синцицијален вирус е многу присутен во моментов и го има во различни клинички варијации, односно се движи од лесна до тешка клиничка слика кај децата. Годинава е поприсутен од вообичаеното, но не дека не е карактеристичен за овој период од годината“, вели д-р Драгана Емел Марковска, педијатар во Поликлиниката Идадија.

Според неа, периодот од две и повеќе години поради ковид пандемијата, немешањето на децата едни меѓу други, намалениот имунитет, односно отпорност на детскиот организам е причината за ваквата експанзија на респираторниот синцицијален вирус.

“Родителите сфатија дека после КОВИД, вирусите се страшни за детското здравје. Го разбирам тоа, но РСВ е присутен отсекогаш. Поголема е неговата клиничка манифестација, па затоа и ги загрижува родителите. Од вирусите, овој и трае подолго, што е дополнителна причина за страв“, потенција д-р Емел Марковска.

“РСВ е особено опасен за најмалите деца, односно колку е помало детето, толку вирусот е посериозен, пред се поради ризикот од бронхолитис, односно воспаление на малите дишни патишта. Кога на вирусот ќе се надоврзе и бактеријата, ситуацијата не е безопасна“, вели педијатарката.

За тоа како еден родител може да препознае дали кај детето се работи за РСВ или пак за некој друг вирус или заболување таа објаснува:

“Нема карактеристичен симптом по кој родителите можат да го препознаат респираторниот синцицијален вирус, Се манифестира како сите останати вируси. Ако сепак треба да се наведат најчестите знаци, тоа се висока температура, потешко дишење и надразнувачка и сува кашлица. Знаејќи дека РСВ е карактеристичен за овој период од годината, ние како лекари обрнуваме внимание на него за да ја поставиме вистинската дијагноза, вели д-р Емел Марковска.

Симптомите кај малите деца и доенчињата се јавуваат четири до шест дена по инфекцијата, а педијатрите велат дека поголемиот број на деца закрепнуваат седум до 10 дена од заразувањето. Вирусот се шири по капков пат, односно преку близок контакт со заразено лице ореку кивање, кашлање или бакнување. Не постои трајна заштита од респираторниот синцицијален вирус, може да дојде до повторно заразување, но повторните инфекции имаат многу поблага клиничка слика.

РСВ е всушност инфекција на горните делови на системот за дишење и се манифестира како настинка, Но, може да предизвика и инфекција на долните делови која се појавува бронхолитис и воспаление на белите дробови или пневмонија.

“Постојат бројни начини како точно се дијагностицира овој вирус. Сепак кај децата тоа наједноставно се прави со земање на брис од нос и од грло“, дополнува д-р Емел Марковска.

Во последниот извештај на Институтот за јавно здравје на РСМ стои дека во периодот од 28.11 до 04.12, според пристигнатите примероци за анализа, 11 се тестирани за респираторен синцицијален вирус, од кои шест се позитивни.

Во моментов не постои основа за преземање на одредени дополнителни мерки за заштита на децата и возрасното население, ниту се размислува за евентуално затворање на училишта или останати колективи каде вирусот и најбрзо се шири, бидејќи лекарите сметаат дека ваквото забрзано и поинтензивно пирење на вирусот е очекувано.

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
Google search engine
spot_img
spot_img

ПОСЛЕДНО ОБЈАВЕНИ