сабота, април 20, 2024
spot_img
ПочетнаМакедонијаНоќва почнува зимското сметање на времето
spot_img

Ноќва почнува зимското сметање на времето

По направените анализи Владата одлучи дека зимава, сепак, нема промена во досегашниот систем на сметање на времето, односно, како и секоја година во последната недела од октомври стрелките на часовникот ќе се поместат еден час наназад

Вечерва во три часот по полноќ стрелките на часовникот ќе се поместат еден час наназад, со што официјално ќе започне зимското сметање на времето.

Владата пред неколку седмици го задолжи Министерството за економија да ги разгледа можностите околу евентуално продолжување на примената на летното сметање на времето, со цел дополнителни заштеди во општата потрошувачка на електрична енергија.

Но, по направените анализи Владата одлучи дека зимава, сепак, нема промена во досегашниот систем на сметање на времето, односно, како и секоја година во последната недела од октомври стрелките на часовникот да се поместат еден час назад.

„Од прикажаната пресметка за потребна топлина и анализата на промените на надворешните температури на часовно ниво, воочено е дека задржувањето на летното сметање на времето ќе предизвика зголемена потрошувачка на топлинска енергија од 1,5 до 3,5 проценти за грејната сезона. Согласно направената анализа на движењето на температурите во утринските часови и пресметките за потребна топлина за загревање, заклучено е дека со враќање во зимско сметање на времето ќе се заштеди на потрошувачка на електрична и топлинска енергија“,информираа од Владата во вторникот.

Секои шест месеци во земјава, како и во другите земји од континентот граѓаните поминуваат низ ритуалот на поместување на стрелките на часовникот за еден час нанапред (ако станува збор за премин од зимско во летно сметање на времето) и еден час наназад (ако часовникот се враќа на зимско сметање).

Лани во март, кога се менуваше сметањето на времето од зимско во летно, оваа пракса требаше да прекине во земјите членки на Европската Унија, но тоа не се случи.

Дебата за укинување на зимското и летното сметање на времето ја отвори и Европската комисија (ЕК) пред четири години. Тогаш во онлајн-анкета дури 83 отсто од жителите на ЕУ се изјаснија дека се „за“ укинување на ваквиот начин на сметање на времето, по што ЕК достави и официјален предлог до Европскиот парламент кој истиот го одбори во 2019 година. Според тоа, укинувањето требаше да се примени од лани при што секоја земја членка требаше да избере кое сметање на времето ќе го задржи. Меѓутоа, во пракса тоа не се случи.

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
Google search engine
spot_img
spot_img

ПОСЛЕДНО ОБЈАВЕНИ