петок, март 29, 2024
spot_img
ПочетнаМагазинЖивотНаучници оживеаја активност во човечко око после смрт
spot_img

Научници оживеаја активност во човечко око после смрт

Најново истражување потврди дека е можно да се врати активноста на клетките во човечкото око неколку часа по смртта – што сугерира дека наскоро ќе можеме да се справиме со неповратната природа на смртта на централниот нервен систем.

За подобро да се разбере начинот на кој нервните клетки реагираат на недостаток на кислород, тим американски истражувачи ја измериле активноста на клетките на мрежницата (или ретина) кај глувци и луѓе веднаш по нивната смрт.

Стимулирана од светлина, мрежницата се покажа дека емитува специфични електрични сигнали, познати како б-бранови. На овој начин клетките успеале да комуницираат и до неколку часа по смртта.

Ова е прв пат очите на починатите донатори (луѓе) да реагираат на светлина на ваков начин, а некои експерти ја доведуваат во прашање „неповратната природа“ на смртта на централниот нервен систем.

„Успеавме да ги разбудиме фоторецепторните клетки во жолтата дамка, која е дел од мрежницата и е одговорна за централната визија и способноста на луѓето да гледаат фини детали и бои“, објаснува биомедицинскиот научник Фатима Абас од Универзитетот во Јута.

„Клетките во очите, кои беа добиени пет часа по смртта на донаторот, реагираа на силна светлина, обоени светла, па дури и многу слаби блесоци на светлина“, додаде таа.

Како функционира нашето тело по смртта?

Некои органи може да се зачуваат за трансплантација веднаш по смртта. Но, кога циркулацијата ќе престане, централниот нервен систем како целина престанува да реагира, а органите престануваат да бидат погодни за каква било форма на долгорочно закрепнување.

Сепак, не сите видови неврони се распаѓаат со иста брзина. Различни региони и различни типови на клетки имаат различни механизми за преживување, што го прави целото прашање на мозочната смрт многу покомплицирано.

Новите сознанија за тоа како избраните ткива во нервниот систем се справуваат со загубата на кислород може да нè научат на нови работи за враќање на изгубените функции на мозокот.

Научниците од Универзитетот Јеил се најдоа на насловните страници во 2018 година кога мозок на свиња одржаа во живот 36 часа по смртта.

Тоа го постигнаа со запирање на брзата деградација на невроните, користејќи вештачка крв, греалки и пумпи за да ја вратат циркулацијата на кислород и хранливи материи.

Слична техника сега е можна кај глувци и човечки очи

Со враќање на кислородот и некои хранливи материи во очите на донаторите на органи, истражувачите од Универзитетот во Јута успеаја да иницираат синхрона активност меѓу невроните по смртта.

„Успеавме да направиме клетките на мрежницата да комуницираат едни со други, онака како што тоа го прават во очите на живиот човек“, вели Франс Винберг, научник од Универзитетот во Јута.

Експериментите покажаа дека клетките на мрежницата првично продолжуваат да реагираат на светлина. Ова трае до 5 часа по смртта. Сепак, клучните меѓуклеточни сигнали од б-брановите брзо исчезнуваат, очигледно поради загубата на кислород.

Дури и кога ткивото на мрежницата било внимателно заштитено од недостаток на кислород, истражувачите не биле во можност целосно да ги обноват овие б-бранови.

Можеме ли да ја победиме мозочната смрт?

Според некои дефиниции, „мозочна смрт“ е губење на синхроната активност меѓу невроните. Ако ја прифатиме оваа дефиниција, тогаш човечките мрежници не биле целосно мртви.

„Бидејќи мрежницата е дел од централниот нервен систем, обновувањето на б-брановите во оваа студија го покренува прашањето дали мозочната смрт е навистина неповратна“, пишуваат авторите.

Доколку специјализираните неврони, познати како фоторецептори, можат да оживеат до одреден степен, тогаш тоа ги зголемува надежите за идни трансплантации кои би можеле да помогнат во обновувањето на видот кај луѓето со очни болести.

Тој ден, тврдат научниците, е сè уште далеку. Трансплантацијата на донаторски клетки и делови на мрежница треба некако беспрекорно да се интегрира во постојните ретинални кола, предизвик што научниците веќе се обидуваат да го решат.

Во меѓувреме, очите на донаторот и животинските модели ќе треба да ја завршат работата, а тестирањето за б-брановите може да биде добар начин да се утврди дали трансплантацијата на жолта дамка е одржлива или не.

Истражувањето е објавено во списанието Nature.

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
Google search engine
spot_img
spot_img

ПОСЛЕДНО ОБЈАВЕНИ