четврток, март 28, 2024
spot_img
ПочетнаМакедонијаДали „мајка“ Македонија има систем за развој на талентираните чеда: Дете од...
spot_img

Дали „мајка“ Македонија има систем за развој на талентираните чеда: Дете од улица, со само еден оброк во денот, освои трето место по математика!

Амир Дестанов, дете од улица кое реши да се бори со суровата судбина која сакаше неговото семејство да биде под дното на сиромаштијата, а тој, браќата, сестрата и мајка му да трпат семејно насилство, освои трето место на натпреварот по математика „Кенгур“.

Радоста тој ја подели со Дневниот центар за деца на улица во Шуто Оризари, кој им е поддршка во моментов на 61 дете што успеале да ги одвратат од питачење, да ги запишат на школо и да им помагаат во доедукацијата и во исполнувањето на домашните задачи.

Исклучително заинтересиран за математиката, Амир надградбата за да оди на „Кенгур“ ја постигнал токму во Центарот, решавајќи задачи со наставникот Филип. Кога чул ќе има натпревар, посакал и тој да учествува, но немал 200 денари да уплати.

„Сакаа други да одат, ама бидејќи јас сум математички најјак, јас поминав. Ми кажа класната, а јас ѝ одговорив:’Добро, ќе зборам со моите дома и ќе ви кажам’. Уплатата за натпреварот ‘Кенгур’ чинеше 200 денари, пари што ги немав“, раскажува Амир.

За желбата дека сака да се натпреварува по математика, во категорија на осмо и деветтоодделенци, тој веднаш ги известил наставничките Ирена Велкоска и Василка Јовановска, која е социјален работник, и Александра Лозановска, воспитувач. Тие од свои пари му уплатиле учество.

На натпреварот Амир не знаел како поминал. Им кажал на воспитувачките, наставничките од Центарот дека не е сигурен што направил, бидеjќи било на стискање копчиња, т.е. се полагало електронски. Се секирал дали направил сè како што треба, дали се снашол или не со кликањето.

„Но кога дојде со дипломата во рака за освоено трето место, па ние па пресреќни бевме!“, раскажува Ирена Велкоска, координатор на Дневниот центар за деца на улица.

„Математика најмногу научив тука, од наставникот Филип. Јас почнав од ‘нула’, една задача не знаев да решам. Но, и основата за математиката и за останатите предмети ја добив тука во Центарот, од наставничката Ирена и другите наставнички. Основата: собирање, одземање, множење и делење ја добив тука, а надградбата за да дојдам до натпреварот, од наставникот Филип“, вели Амир, кој има уште три први места на мотивациски натпревари по математика во неговото училиште „Браќа Рамиз Намид“ од Шуто Оризари.

„Во Дневниот центар работиме сè што ни е тешко да совладаме. Покрај пишување домашна, овде работиме и сè што ни е тешко на училиште“, додава ова момче. Сонува да се запише средно техничко училиште и да усоврши занает, а потоа да продолжи на факултет. За почеток, сака да го продава уличниот магазин „Лице в лице“, за да почне полека да стекнува работни навики.

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
Google search engine
spot_img
spot_img

ПОСЛЕДНО ОБЈАВЕНИ