петок, април 19, 2024
spot_img
ПочетнаМагазинЖивотОхридското езеро има свој „НЕВЕРОЈАТЕН“ ДВОЈНИК на другиот крај на светот
spot_img

Охридското езеро има свој „НЕВЕРОЈАТЕН“ ДВОЈНИК на другиот крај на светот

Охридското Езеро е уникат во светот по многу нешта: едно од најстарите, тектонски формирано, со повеќе карстни извори и голема истека (Црн Дрим), бројни реликтни видови во него и др. Сепак, има едно езеро на „другиот крај“ на Земјата, во САД, помеѓу Калифорнија и Невада кое е неверојатно слично на Охридското Езеро. Тоа е езерото Тахо (Tahoe), кое се наоѓа околу 120 km североисточно од градот Сакраменто во Калифорнија.

Сличноста помеѓу двете езера е во многу нешта. Така, во однос на Охридското, езерото Тахое е само малку поголемо (490 km кв., наспроти 358 km кв.), нешто подлабоко (501 m наспроти 288 m), со слична форма (долго 35 km, широко 18 km и со брегова линија од 116 km наспроти 31 km, 15 km и 88 km соодветно кај Охридското). Двете езера имаат скоро иста старост (околу 2 милиони години), опколеност од двете страни (источна и западна) со планини, па дури и иста провидност (22 до 25 m) и секако, неверојатна природна убавина. Она што е интересно, што границата и припадноста на езерото Тахое кон Калифорнија и Невада се мошне слични со границата и припадноста на Охридското Езеро на Македонија и Албанија. Сличен е и распоредот на населбите, плажите, комуникациите и клифовите околу езерата. Има уште нешто што ги „поврзува“ двете езера. Имено, и двете имаат една поголема истека: Црн Дрим кај Охридското (истекува кон СЗ) и Траки Ривер кај Тахое (истекува кон СИ), а и двете реки на истекот од езерата имаат мали брани со кои се регулира истекувањето т.е. нивото на езерата. Климата кај двете езера е речиси идентична, така што просечните годишни врнежи се 700 mm кај Охридското до 800 mm кај Тахое, а просечните годишни температури на воздухот кај двете езера се околу 10-11 степени Целзиусови, со тоа што кај второто, континенталноста е многу поголема, а со тоа и температурните екстреми. На двете езера, туризмот е носечка стопанска гранка, со тоа што, разбирливо на Тахое е многу поразвиен, со сите елементи на зачувување на прекрасната природа.

Еден од преубавите заливи на Тахое со кристално бистра, синкасто-зеленикава вода

Сепак, помеѓу двете извонредно слични езера, има и некои значителни разлики. Така, Тахое се наоѓа доста повисоко, на 1897 m, во однос на Охридското кое е само на 693 m. Во конечното формирање на Тахое, големо влијание имала глацијацијата, додека кај Охридското, главно геотектониката и карстниот процес. Поради поголемата височина, постојат значајни разлики во вегетацијата околу езерото Тахое, водата е постудена, а капењето е можно само во месец август и тоа околу 10-15 дена.

Преубавата бистра вода на езерото Тахое

Како и да е, според нашите досегашни сознанија, Тахое по сите наведени карактеристики е најслично на Охридското Езеро (и обратно), што може да се види и од приложените фотографии.

Истека на езерото Тахое и формирање на Траки Ривер (слично на Црн Дрим кај Струга)

Оние што ги посетиле двете езера, можат да го потврдат (или можеби негираат) наведеното, со забелешка дека сепак, Охридското Езеро е едно и единствено.

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
Google search engine
spot_img
spot_img

ПОСЛЕДНО ОБЈАВЕНИ